МОН: Испитниот материјал за државната матура е соодветен


Фото: Б. Богдановска

 Испитниот материјал за полагање на државната матура во учебната 2022-2023 е соодветен на случувањата во училиштата во целиот изминати период на образование на оваа генерација матуранти. Испитните комисии кои ги подготвуваат прашањата, имаат предвид дека наставата повремено се организираше онлајн поради пандемијата со Ковид и поради заканувачките дојави, а повремен прекин се случи и поради штрајк на наставниот кадар. Прашањата ќе се однесуваат исклучиво на најважните аспекти, податоци и информации од материјалот кој учениците го совладале во четирите години од нивното средно образование, соопштија од Министерството за образование и наука.

Од МОН наведоа дека датумите за полагање на испитите се дефинирани во Календарот за организација на работата на јавните средни училишта во учебната 2022-2023 година и учениците имаат доволно време да се потсетат на тоа што веќе е поминато и научено.

-МОН го цени мислењето на средношколците и затоа тие се дел од креирањето на образовните политики. Во таа насока, денеска на барање Организациіа за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), беше одржана средба во чиј фокус беа подготвителните активности за организирање на процесот на полагање државна матура во учебната 2022-2023 година, наведуваат од МОН

Воедно, од Министерствот најавуваат дека во наредниот период ќе организираат состаноци и со Сојузот на средношколци како и други засегнати институции во овој процес

– Двете страни се согласни дека државната матура е важен процес, затоа што значи заокружување на средното образование и е основен услов за запишување на високообразовна установа. Полагањето ќе се одржи, без притоа ниту еден ученик да биде оштетен по кој било основ, истакнуваат од Министерството.

На денешната средба во МОН, како што соопштија од ОДАС, разговарале за проблемите и предизвиците со кои средношколците се соочуваа изминативе четири години, при што било издејствувано учениците да добијат банки со прашања за полагање на интерните предмети.

-Успеавме да издејствуваме училиштата да мораат оваа година да им достават на учениците банки со прашања за полагање на интерните предмети. Од друга страна, ни беше кажано дека материјалот е веќе скратен, но не добивме целосен увид во тоа колку и кој материјал е скратен. Тоа што го забележавме беше дека скратениот материјал по мајчин јазик (македонски) е речиси идентичен со тој од минатогодишната матура. Продолжуваме да го следиме процесот и да работиме на заложбата за подобро образование, и ќе информираме за сите следни чекори по извршување на разговори со средношколците, велат од ОДАС.