МОН: Интересот за дуалното образование секоја година расте
Неколку девојчиња учат за електричари – електромонтери за електроенергетски мрежи во средното стручно училиште „Михајло Пупин“ во Скопје. Две од нив, преку знаењата и вештините што ги стекнале на часовите и низ практичната обука, се качија на високиот столб на полигонот во училишниот двор, што им служи за тренинг, соопшти денеска Министерството за образование и наука.
Ученичката Фиона Мандарова од втора година, која за дуалната настава дознала од татко и, смета дека има добри услови и по средното образование може веднаш да се вработи.
– Има услови за практична настава. Има и полигон, а може да посетуваме и фирми, вели Мандарова.
Според нејзината професорка по практична настава Слободанка Димковска, со концептот на дуално образование, покрај знаењата кои учениците го добиваат при редовна настава, тие добиваат и соодветно стручно образование кое потоа можат да го применат во соодветна компанија.
– Образовниот профил од трет степен Електричар – електромонтер на електроенергетски мрежи, се спроведува во соработка со ЕВН. Учениците се оспособуваат за работа во преносниот електроенергетски систем“, вели професорката, додавајќи дека од првата генерација запишани ученици во дуалната паралелка, дел веќе работат во ЕВН. Вкупно, во дуалните паралелки досега се поминати осум класа, од 150 до 180 ученици. Зборуваме за една бројка, нешто околу 200 ученици, во вкупно четири години до сега, вели Димковска.
Проектот 20/20/20 со кој ЕВН Македонија се вклучи во дуалното образование во земјава, уште од стартот предвидуваше дваесетина средношколци во 2020 година да се вработат во компанијата, со можност да напредуваат од почетната позиција на електромонтер.
Професорката Димковска, како што посочуваат од МОН, потврдува дека интересот за дуалното образование секоја година расте, а со тоа и бројот на паралелки. И компаниите, додаваат, покажуваат се поголем интерес за соработка со средните училишта и вклучување во дуалното образование.
– Околу 10 компании, од поголемите во државата, би инвестирале и би се вклучиле во програмата за дуално образование, вели Димковска.