МОН: Активирани решенијата за враќање на директорите на училиштата во Гостивар

Активирани се решенијата за враќање на директорите на училиштата во Гостивар на работните позиции од кои беа разрешени на незаконски начин.

Министерството за образование и наука денеска информира дека станува збор за решенија кои беа повлечени во интерес на заложбите за спроведување фер и коректен процес за избор на претседател на државата.

– Одложувањето на примената, односно постапувањето по еден правен акт донесен согласно законите и во случајов, врз основа на одлука на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос и согласно извештаите од спроведените надзори на Државниот просветен инспекторат, не треба да значи негово забошотување и трајно непостапување по однос на него, се вели во соопштението.

Министерството за образование и наука, како што се наведува, има обврска и должност да постапи согласно своите ингеренции во секоја ситуација, вклучително и во конкретната во која беа констатирани низа прекршувања на законските прописи од страна на Општина Гостивар во делот на разрешувањето на училишните директори од политички причини.

– Мешањето на политиката е недозволиво во областа на образованието бидејќи најголемата штета што се прави, оди на сметка на учениците и нивниот воспитно-образовен процес. Наместо градоначалникот на Општина Гостивар паушално да ги обвинува Владата и Министерството за образование и наука за спроведување нерегуларни активности низ институциите на општината, апелираме да започне да се однесува одговорно, посветено и целосно да ги почитува позитивните правни прописи во земјата, стои во соопштението од Министерството за образование и наука.