Момировски: Обвинителството и МВР да го разјаснат случајот со изборната апликација на СДСМ


Горан Момировски,  портпарол на изборниот штаб  на кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, денеска побара Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство што поскоро да го разјаснат случајот за, како што вели андроид апликацијата на СДСМ „Избори 2019 година“ за која има сериозни индикации дека складира лични податоци на граѓаните.

Момировски, по денешната средба во Обвинителството со надлежната Комисија за мониторинг на евентуални изборни нерегуларности, рече дека бил информиран дека случајот е веќе доставен до Скопското јавно обвинителство и е назначен јавен обвинител што ќе го истражува.

– Бевме сведоци на пренос во живо на социјалната мрежа „Твитер“ како се менуваат хард дисковите на серверот на СДСМ за којшто постојат сериозни индикации дека складира лични податоци на граѓани што се преземени со апликацијата „Избори 2019“, подготвена од СДСМ. Откако за оваа проблематика разговаравме во Државната изборна комисија, денеска во Јавното обвинителство разговарав со претставници на Комисијата што врши мониторинг на евентуални изборни нерегуларности. Оттаму ни беше кажано дека случајот е веќе доставен до скопското Јавно обвинителство каде што е назначен обвинител кој треба да го истражува овој случај, изјави Момировски.

Не е направена, дополни Момировски, ниту форензичка истрага за хакерскиот упад во ДИК којшто се случува во истиот период кога СДСМ ја покренува апликацијата „Избори 2019“, пред 15 дена. – Според нашите информации се уште МВР не утврдило како се случил тој напад и дали има поврзаност со апликацијата на СДСМ. Лицето кое во 2016 година било претставник на СДСМ во Комисијата во ДИК и ги прочистувало избирачките списоци, имало пристап до целата евиденција и матичните броеви на граѓаните, е автор на апликацијата преку која што СДСМ собирала информации од граѓаните и ги пренесувала на серверот, тврди Момировски.

Очекуваме, наведе тој, во најбрз можен рок да се обезбедат доказите, да се истражат состојбите што се случувале, пред се, на серверот на СДСМ, за да се рачисти состојбата.

-Серверите  најверојатно веќе се уништени и во нив нема да може да се утврди што се содржело. Доколку се реагираше побргу ќе се утврдеше фактичката состојба. Сите ќе бевме помирни во однос на изборните нерегуларности, но и за други евентуални криминални активности, за жал овојпат од политичка партија на власта, дополни Момировски, оценувајќи дека случајот ќе  влијае на добивањето датум за преговори за членство во ЕУ.