Молк и во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ за сведочењето на Верушевски


Ниту опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту владејачкиот СДСМ не се огласија досега со реакција во врска со сведочењето на Зоран Верушевски во случајот „Таргет – Тврдина“, во кое тој се огради од „бомбите„ и посочи дека по неговото притворање снимките од прислушуваните разговори поминале низ „страотни модификации и компромитации“.

Верушевски летоска, на седница на Централниот одбор на СДСМ, беше избран за претседател на партиската комисија за внатрешни работи.

Од СДСМ, единствено,  најавија можен одговор на прес-конференција закажана во 12.30 часот во партиското седиште, која е  посветена на законот за јавно обвинителство. Од ВМРО-ДПМНе единствената реакција дојде од поранешниот партиски лидер Никола Груевски, кој се јави од Будимпешта преку фејсбук, со оценка дека „ова е најголемата бомба“. Тој од почетокот на објавувањето на „бомбите“ на „Бихаќска“ тврдеше дека тие се „лепени, сечени и монтирани“ – став до кој се придржуваа и други тогашни функцинери на ВМРо-ДПМНЕ. Наспроти тоа, лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој во тоа време беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, ја потврди автентичноста на разговорите што беа објавувани во јавноста.