Моливот како пример: Маск сподели видео со нобеловецот Фридман за придобивките на слободниот пазар
Илон Маск сподели видео на платформата X во кое славниот американски економист Милтон Фридман ги објаснува придобивките од слободните пазари и сложените синџири на снабдување

Милијардерот Илон Маск сподели видео на неговата платформа X во кое ги велича придобивките од слободните пазари и сложените синџири на снабдување.
Во видеото, користејќи го примерот на молив, американскиот економист Милтон Фридман (1912 – 2006) објаснува како различните фази во различни делови на светот придонеле за неговото појавување.
„Буквално илјадници луѓе соработуваа на создавањето на овој молив“, вели Фридман, кој почина пред речиси 20 години.
— Elon Musk (@elonmusk) April 7, 2025
Тоа е „магијата на системот на цени“, додаде тој, „и затоа функционирањето на слободниот пазар е толку суштинско. Не само за промовирање на продуктивна ефикасност, туку уште повеќе, за поттикнување хармонија и мир меѓу народите во светот“.
Фридман во 1976 година ја доби Нобеловата награда за економија за „за неговото проучување на потрошувачката анализа, монетарната историја и теорија и за демонстрација на сложеноста на политиката за стабилизација“.
Потегот на Илон Маск, близок соработник на Трамп и шеф на неговиот тим за „ефикасност на владата“, веќе нашироко се коментира како удар за Доналд Трамп.