„Молитва по Достоевски“ премиерно во битолскиот театар


На големата театарска сцена „Благој Стефановски-Баге“, во Битола, вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Молитва по Достоевски“ што ја подготви Валентин Светозарев.

Станува збор за колаж од избрани делови на дела од Достоевски, почнувајќи од првиот роман „Бедни луѓе“, опис на амбиент од избраните дела, како и еден настан во Катарга, Сибир, најави во пресрет на премиерата, Светозарев.

– Нашата претстава почнува со денот кога треба да бидат стрелани членови на движењето Петрашевци, но тие се помилувани со прогонство во Сибир. Во нашата приказна сите се на едно место Катарга, каде им дозволуваат да направат еден концерт. Тоа што публиката ќе го гледа е тој концерт, истакна Светозарев.

Во претстава „Молитва по Достоевски“ ќе настапат актерите Огнен Дранговски и Катерина Аневска Дранговска, а музичкиот дел инспириран од делата на Висоцки и Окуџава го подготви и ќе го изведат членовите на групата „Фолтин“.

Со претставата Театарот се вклучува кон одбележувањето на 200 години од раѓањето на Фјодор Михајлович Достоевски, руски романсиер, писател и новинар, кој како што е познато е роден на 11 ноември 1821 година во Москва, а умрел на 9 февруари 1881 година во Санкт Петербург.