„Молитва на моето тело“ – поетско-музичко патешествие вечер во Штипскиот театар


 

Во Народниот театар во Штип вечер ќе биде изведено поетско-музичко патешествие насловено „Молитва на моето тело“ инспирирано од поезијата на Ацо Шопов.

Ацо Шопов е еден од „избраните“ поети/уметници кој на релативно млада возраст (како Гете во „Страдањата на младиот Вертер“, Ибзен во “Пер Гинт“, Бергман во “Седмиот печат“) ќе се обиде преку поетската збирка “Небиднина“ да ја прочита “книгата на животот“, сфаќајќи го поимот небиднина како „Остварување низ неоставреност“. До ова сознание се доближува постепено, чекор по чекор, песна по песна, се додека не дојде до “конечното доближување, конечното свесно откривање на небиднината“, заклучува авторот на “Небиднина“, во чиј состав влегува циклусот „Молитви на моето тело“.

-Дванаесет песни – дванаесет молитви, дванаесет песни на љубовта, дванаесет допири на најдлабоката интима, дванаесет долги, неизводливи патувања до љубовта и барање нова смисла на зборот со која патувањето нема да ни се стори бесцелно и неостварливо. Дванаесет молитви на телото – како ред од водопади под кои не можеме да застанеме одеднаш, но додека стоиме под едниот водопад, во неговиот шум го чувствуваме шумот на вториот… шумот на другите, се вели за овој поетско-музички спектакл.

Патешествието низ поезијата на Шопов, на сцената на штипскиот Театар ќе го донесат актерите Рујиш Беговска и Суад Беговски – Сухи, придружувани од музиката на Енес Беговски.