Молдавија: Проевропскиот кандидат Маја Санду на пат кон победа на претседателските избори


Маја Санду е поранешен економист на Светска банка и има цврст став во однос на корупцијата (Фото: Ројтерс)

Излезните анкети ја поставија кандидатката на опозицијата Маја Санду, која се залага за поблиски врски со Европската унија, на патот да го победи про-московскиот актуелен претседател Игор Додон во вториот круг од претседателските избори во Молдавија во неделата.

Според излезните анкети, Санду има 54,8 отсто од гласовите во споредба со Додон кој има 45,2 проценти.

Западот и Русија се борат за влијание во поранешната советска република со 3,5 милиони жители, која е една од најсиромашните нации во Европа и претрпе силен економски пад за време на пандемијата на Ковид-19.

Поранешен економист на Светска банка, кој зазема цврст став во однос на корупцијата, Санду ја предводеше краткотрајната влада минатата година, на која ѝ беше изгласана недоверба.

„Денес имате моќ да ги казните оние што ве изневериле, што ве украле, што ве направиле питачи или ве испратиле далеку од вашите домови“, рече Санду откако го даде својот глас утрината.

Санду (48) рече дека ќе обезбеди поголема финансиска поддршка од ЕУ како претседател. Додон (45) е на власт од 2016 година и рече дека следната година ќе објави спогодба за отцепениот регион Трансдњестер каде се зборува рускиот јазик.

„Гласав за развој на економијата, за избалансирана надворешна политика“, рече Додон откако го даде својот глас. „Не сакам Молдавија да се користи во геополитички игри“.

Анкетите за јавното мислење ги ставија ривалите во мртва трка пред вториот круг од изборите. Санду заврши во првиот круг пред две недели со доцен наплив на поддршка од гласачите од дијаспората, но не успеа да обезбеди доволно гласови за целосна победа.

Доколку Санду победи, таа најверојатно ќе побара предвремени парламентарни избори за консолидирање на власта, бидејќи парламентот е контролиран од социјалистите, поранешната партија на Додон.

Молдавија, стисната помеѓу Украина и Романија, членка на ЕУ, претрпе политичка нестабилност во изминатата деценија.

„Победа во вториот круг од Маја Санду би значела период на тешка политичка конфронтација за Молдавија“, рече независниот аналитичар Корнелиу Чиуреа.

ЕУ склучи договор за поблиски трговски и политички врски со Молдавија во 2014 година, но стануваше сè покритична за нејзините резултати во однос на реформите.

Санду доби пораки за поддршка од германскиот министер за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер и поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск. Некои од приврзаниците на Додон ја осудија таквата поддршка како обид за дестабилизација на Молдавија. (Ројтерс)