„Моќта на Заратустра“ – прв концерт на Филхармонијата во новата сезона

Музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус, вечер од 20 часот ќе ја отвори новата концертна сезона на Филхармонијата, која концертот го наслови „Моќта на Заратустра“. Новата сезона 2019/2020 ќе се одржува под слоганот „Моја бесмртна љубов“, посветен на Лудвиг ван Бетовен (1770-1827).

Филхармонијата се придружува кон светското одбележување на 250-те години од раѓањето на германскиот композитор, така што на вечерашниот концерт ќе биде изведен и неговиот Концерт за пијано и оркестар бр. 1. Солист на концертот е врвниот руски пијанист Александар Мелников, а оркестарот ќе го води полскиот диригент Антони Вит.

Концертот за пијано и оркестар број 1, на кој ќе настапи пијанистот Мелников, е едно од раните дела на Бетовен во кое, како што посочува Филхармонијата, може да се почувствуваат никулци на музичката револуција, која ќе ја иницираат неговите подоцнежни дела. Симфониската поема „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус, пак, е инспирирана од истоименото филозофско дело на Фридрих Ниче од 1896 година.

– Како и сите големи музички дела, и ова било изложено на остра критика – „Ова не е музика, туку одбивно чудовиште кое не заслужува да биде наречено музика“. Само воведот во делото бил оценет како „ветувачки“… Во 1968 година, токму тој вовед целосно се интегрира во колективната меморија, стана препознатлива референца во поп-културата благодарение на генијалниот Стенли Кјубрик и неговиот антологиски филм „Одисеја 2001“, соопшти Филхармонијата.

Саундракот од филмот на Кјубрик, снимен со Берлинската филхармонија во 1969 година, 36 недели беше на првото место на класичните топ-листи. Од тогаш до денес „Така зборуваше Заратурстра“ од Штраус речиси секогаш се врзува со Кјубрик, со неговиот филм преку кој оваа симфониска поема доби пошироко културолошко значење, стана поп-феномен.

Пијанистот Мелников настапува како солист со врвни светски оркестри и диригенти, како Михаил Плетнев, Паво Јарви, Валери Гергиев. Диригентот на вечерашниот концерт Антони Вит, пак, е еден од највлијателните полски диригенти, добитник на наградата „Херберт вон Карајан“ во 1971 година. Вит му бил и асистент на Карајан на Велигденскиот фестивал во Салцбург, а неговата богата интернационална кариера вклучува настапи со најзначајните оркестри во Европа, Америка и Далечниот Исток. Добитник е и на францускиот орден „Легија на честа“ во 2015 година.

– Очекуваме фантастичен концерт, кој ќе биде одличен вовед во новата сезона во која нè очекуваат возбудливи концерти на кои ќе настапат врвни солисти и диригенти, изјави Виктор Илиески, директор на Филхармонијата.