Моќта го прави стилот или стилот е моќ: Како е во светот, а како е кај нас?


Дали моќниот човек по автоматизам има стил или стилот на облекување и живеење го прави моќен? Дали моќта претпоставува луксузни модни парчиња и живот на висока нога по секоја цена, или зависи од карактерот на моќникот? Дали моќните мораат да внимаваат што ќе облечат и што ќе кажат за да не ја разочараат јавноста или да се однесуваат како да не им е грижа што ќе каже јавноста? Всушност, дали стилот се мери со купчето пари во банки, по дома или на офшор-сметки и дали стилот на облекување и вкусот можат да се купат со пари? Дали ако ве облече стилист вие сте тоа или некој друг? Како да препознаете човек со харизма кој влијае со својот став во моќни кругови, а истовремено и со модниот имиџ?

Многу прашања, премалку одговори.

Во светот, освен политичарите и високите функционери, бизнисмени, филантропи, и ѕвезди од Холивуд, има многу богати и моќни луѓе кои не се мерат со листите на „Форбс“ и кои сакаат да останат анонимни. Во секојдневниот живот нормално изгледаат, ама на гала-настани и на работа и по состаноци го почитуваат протоколот и ретко прават стилски гафови.

Добредојдовте во Македонија, која не трпи критика ниту за стил ниту за пари!

Имаме личности што имаат што да облечат, ама не знаат кога, како и што, имаме личности што знаат кога и како, а немаат што и ноншалантни типови што мислат дека сè им е дозволено!

Не секој го бидува за стил, ниту секој за бизнис и водење политика.

Во Македонија е повеќе загрижувачки феноменот на предрасуди, непочитување на правилата на облекување, на изглед и на однесување во сите сфери на јавното живеење и отсуство на професионална машинерија која ќе ве претстави во најдобро светло во јавноста. Стилот се врзува со убавината и обратно и дали некој ви се допаѓа или не. Дотераните и негуваните мажи се етикетираат за геј. Сексапилните пејачки – за ороспии. Имаме политичарки што не прават разлика меѓу приватна и официјална гардероба, па ги гледаме во парламентот во омилените парчиња гардероба кои се носат во вечерни часови. Поп и фолк-естрада, која не се натпреварува по гласот и облеката, туку по вишокот килограми и по суетата. Презентерки што со изборот на гардероба одбиваат наместо да привлекуваат гледачи, водители што се надмудруваат со гостите, наместо да го слушнат нивното мислење…

За правилно облекување треба да бидете свесни за експонираноста во јавноста, градот во кој живеете, животниот стил, години, телесни предиспозиции, карактерот и пригодата.

А, како да се облечете за соодветната пригода, е вештина. И без обѕир на финансиските можности, некому тоа му доаѓа природно, некому со годините, некој и понатаму учи на своите грешки кои се сè помалку, а некој тврдоглаво продолжува со грешките.

Лејла Сабит