„Моќната грчка армија“ се пофали дека ги хакирале сајтовите на неколку македонски банки, ТТК вели успешно се справиле

Ова беше надминато во најкус рок преку мерките кои беа преземени од страна на Народната банка, банките и веб-провајдерите


Грчките хакери од „Моќната грчка армија“ вечерва објавија на Твитер дека извршиле хакерски напади врз неколку македонски банки. Според хакерите, нападнати биле ТТК Банка, Централна кооперативна банка, УНИ Банка, Прокредит банка и Стопанска банка АД Битола, Шпаркасе, Комерцијална и други.

Успешно е спречен хакерскиот напад на кој беше изложена интернет страницата на ТТК банка. Имено, на 22 февруари, во вечерните часови беше направен обид за хакерски упад на интернет страницата на ТТК Банка.  Благодарение на ефикасната заштита на системот и брзата реакција, интернет страницата по краток прекин, брзо беше вратена во функција и беше повторно достапна. Нема последици од нападот. Случајот е пријавен во МВР, стои во соопштението од оваа банка.

Вчеравечер, кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка (НБ) и домашните банки, како резултат на ДДоС напад. Ова беше надминато во најкус рок преку мерките кои беа преземени од страна на Народната банка, банките и веб-провајдерите. Безбедноста, односно доверливоста и интегритетот на податоците, во ниту еден момент не беше доведенa во прашање, информираат од НБ.

-ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број на фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Но, во ваков случај ниту се исклучува сервисот, ниту пак се менува содржината на веб-страницата, велат од НБ.

Во согласност со глобалните трендови, додаваат, Народна банка, заедно со банките, постојано работи на зајакнување на отпорноста на информативните системи, ги следи новите закани поврзани со дигиталниот простор и континуирано презема мерки во насока на унапредување на сигурносните заштити.

Пред десетина дена хакерите се пофалија дека ги хакирале и сајтовите на Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана. Во меѓувреме тие се заканија и дека „ќе ја збришат Македонија од интернет просторот“.