Моќна театарска РУТА


ЈЕЛЕНА ЛУЖИНА

Благодарение на иницијативата која, за среќа, успешно се одржува и се развива веќе пет полни години, а номинално се нарекува Регионална унија на театри –  акроним РУТА – македонската театарска публика ја користи можноста да ѕирне во продукциите од некои поинакви и, многупати, естетички поразлични театарски практики. Регионални. Во овие скудни времиња кои ги живееме – „…штедење, мој Хорацие“, би рекол несреќниот дански принц Хамлет… – секој поглед врз што-годе „поразлична“ театарска прагма/практика е повеќе од добредојден. Пред сѐ затоа што и ние, тукашните, можеме да процениме каде сме и до каде стасавме. По однос на театарот „како таков“, поточно: театарот „денес и овде“, во Македонија, каде што во мигот броиме дури 18 (осумнаесет) професионални театарски ансамбли. Што е сосема друга тема. Компликувана и ептен сериозна.

Во регионалната ни РУТА членуваат шест театарски институции, главно респективни и со голем креативен багаж: Београдско драмско позориште; Местно гледалишче, Љубљана; Камерни театар 55, Сараево; Театар Улисис Загреб; Градско позориште, Подгорица и Драмски театар, Скопје.  Пет години наназад, овие шест театри перманентно ја користат можноста своите (најдобри?) претстави катагодина да ги покажуваат на шест различни сцени, во шест различни културни контексти, со што ја потврдуваат не само таканаречената видливост туку и сопствената релеванција, успешност, естетика. Притоа треба да се респектира и самиот факт дека – катагодина – РУТА ја истрчува големата километража помеѓу шест релативно оддалечени сцени во шест држави, успевајќи продукциски да „заврти“ вкупно триесет и шест театарски изведби. Статистички одоко: по една на секој десетти ден. Освен што е добар и звучен акроним, РУТА е во основа повеќе од добар (мобилен) концепт, интригантна културолошка „досетка“, вешт и рационално димензиониран перформативен модел, инвазивна театарска стратегија… 

Можноста да ги „провери“ сите овие параметри, скопската и македонска публика ја имаше и ја искористи, дури отаде,  минатата недела, помеѓу 15 и 20 октомври, на сцената на Драмскиот театар:  шест претстави, вклучително и домашната „Хеда Габлер“, во продукција на театарот на домаќините, веќе видена кај нас, па не треба дополнително да се коментира.

Помеѓу останатите пет, неспорно се имаат наметнато дури три претстави (половина!!!), од кои првите две се речиси израмнети на линијата на целта:

Белградскиот „Швејк“ (Београдско драмско позориште), циничен до балчак и црнохумористички до болка, во супериорната режија на Вељко Миќуновиќ (белки некој ќе успее да го ангажира и кај нас!) и во изведба на ретко мотивираниот и компактен ансамбл, предводен од сензационалниот загрепски актер Озрен Грабариќ;

Белградско-љубљанската копродукција „Иднина“ (Београдско драмско позориште и Местно гледалишче, Љубљана), таканаречената „ангажирана претстава“ (термин од седумдесеттите години на минатиот век!) која апелира за спасувањето на единствената планета која ја имаме, а не умееме да ја почитуваме; минималистичка во секоја смисла, речиси „нема“ („пораките“ се кажуваат преку титловите), оваа суптилна ансамбл-претстава (режисер Жига Дивјак) се перципира и се доживува како апел за спасувањето на светот. Потресен, без сомнение!

Да, уште и „Кабаре – концерт за лажици и гитара“, шармантната перформанс-досетка на двајца млади и ептен откачени актери (Никола Недиќ и Марио Јовев), кои се шегуваат на општата наша сметка:  со себеси, со светот, со професијата и со таканаречениот „живот како таков“…  Менторите на овој проект (изведен, до сега, околу стотина пати) се Раде Шербеџија и Ленка Удовички.

Накратко:  повеќе од успешна скопска варијанта на овогодишната РУТА. Ја чекаме следната. Дури и со нетрпение.