Мојсова се огради од Лукровски, средбата била знак на домашно воспитување (ВИДЕО)

Стревчо Јакимовски поставил стража пред кафеана да не дојде Сотир и да се фотографира со него


 

По серијата настапи и објави на кандидатот за градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски, во кои се обидува да се прикаже како „граѓански кандидат“ со поддршка и од културни личности, познатата докторка и јавна фигура Маја Мојсова реагираше со објава во која суптилно, но јасно се огради од неговата кампања. Во нејзината порака, објавена на социјалните мрежи, Мојсова напиша:

„Од што сме отруени со негативна енергија и препукување сите забораваат на основните цивилизациски и демократски принципи. Мала е земјата и сите се познаваме и среќаваме насекаде… Не е лошо да се потсетиме на домашно воспитување.“

Пораката, иако формално не спомнува име, доаѓа само ден по фотографиите и објавите на Лукровски, кој преку медиумите и социјалните мрежи се обидуваше да создаде впечаток дека има блискост и поддршка од личности од културниот и медицинскиот свет.

Според извори блиски до јавните личности кои Лукровски ги користи во своите објави, повеќето од нив воопшто не биле известени дека нивното присуство или фотографија ќе биде употребена во партиска кампања.

Со својата објава, Маја Мојсова недвосмислено испрати порака дека културата, пристојноста и почитта не треба да се злоупотребуваат за политички поени и дека „домашното воспитување“ не подразбира фотографирање со политичари за дневни цели.

Со објавата на Сотир Лукровски во која асоцира на наводна поддршка од Маја Мојсова се потсмеваше неговиот ривал Стевчо Јакимовски.

„Очајот нема крај, бурето нема дно. Мицко и Соте се во страшен очај. Јас во моментов сум во една кафеана и поставив стража. Немој случајно да дојде (Лукровски) и со мене да се слика па да кажува дека и од мене има поддршка“ вели Јакимовски во видеото.

Еден час по објавата на Лукровски, СДСМ демантираше дека му даваат поддршка на Лукровски во вториот круг.