Мојсоски за МИА: Во Идризово нема никакви индикации за коронавирусот


Тројца лекари и четири медицински сестри се задолжени во моментов за здравствената состојба на над 1.150 затворениците во најголемиот затвор во Северна Македонија, КПУ Идризово, во кој, како што нагласи за МИА директорот на затворот, Боби Мојсоски се преземени сите мерки за заштита на затворениците и на вработените поради состојбата со коронавирусот.

Управата за извршување на санкциите согласно владините препораки од 10 март годинава донесе забрана за контакти на осудените и притворените лица со надворешниот свет и презема мерки за одржување високо ниво на хигиена, дезинфекција и сите достапни мерки за заштита, а Мојсоски за МИА потенцира дека затворските власти и неколку дена пред тоа ги презеле потребните мерки.

Секој новодојден затвореник се подложува на детален преглед, а потоа се изолира 14 дена, по што се внесува во затворскиот систем. Мора да бидат крајно внимателни и подготвени за справување со ситуацијата, нагласува Мојсоски, додаваќи дека во затворот може да пристигнат и затвореници со ектрадиција.

Оваа недела немале таков случај, но минатата недела пристигнал затвореник од Србија и тој е во изолација.

Директорот на Идризово нагласува дека водат грижа и за вработените, работат со маски, има постојани дезинфекции во сите ќелии.

-Вчера имаше информација што не е основана за заболени затвореници од коронавирус, а јас можам да кажам за затворот Идризово дека во моментов немаме никакви индикации на коронавирусот. Ги презедовме сите мерки и предвреме, пред да дојдат сите забрани, забранивме посети, викенди, слободни видувања. Дозволени се само пакети да им се носат на затворениците со храна и со средства за хигиена, вели Мојсоски.

Управата за извршување на санкциите денеска претходно ја демантираше информацијата за појава на заболени осудени и притворени лица од новиот коронавирус, кои се наоѓаат на издржување казна затвор и мерка притвор во казнено-поправните установи во нашата држава. Управата преку соопштение реагираше на изјавата дадена од адвокатот Насер Рауфи на порталот „Журнал.мк“, а потоа истата прифатена и од порталот „Курир”.

Мојсоски истакна дека бројката на затвореници во ќелиите е во рамки на законот, е во нормала, нема пренатрупаност.

Вели сите капацитети се во функција. Во новото полуотворено и отворено одделение има над 400 затвореници, а намален е и бројот на затвореници во зградата во затворениот дел.

-Луѓето се рамномерно распоредени во сите одделенија, нагласи Мојсоски и додава дека во меѓувреме нарачале и далечински топломери, а температура се мери на секој затвореник и на секој вработен при доаѓање на работното место.

Во врска со здравствената заштита нагласува дека во затворот има затвореници со секакви заболувања и во итните случаи се реагира и тие се носат или во „Мајка Тереза“ или во „8 Септември“ со посебни комби возила со дезинфекција и заштитни маски.

-Во моментов имаме 24-часовна поддршка од Здравствен дом – Скопје, имаме доктори и ниту еден новодојден затвореник не се вклучува во системот, без претходно да биде изолиран, додава тој.

Мојсоски потенцира дека во обезбедувањето на затворот и негово непречено функцконирање се ангажирани сите вработени, на минимален број се сведени само оние во делот на администрацијата и оние кои имаат деца до десет години.

Од Управата, денеска порачаа дека доколку во која било казнено-поправна установа се појави случај со потврдена дијагноза од овој вирус, медиумите ќе бидат известени за истото и ќе се преземат мерки согласно со препораките.