„Мој ДДВ“ презентиран во Гевгелија – Се пријавуваат неправилности, намалено сторнирањето сметки


Мерката „Мој ДДВ“ денеска преку карванот беше промовирана во Гевгелија од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорката на Управа за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Со мерката „Мој ДДВ“ граѓаните имаат можност со секоја фискална сметка до 30.000 денари, да остварат поврат на 15 отсто од платениот ДДВ.

-На овој начин со враќање на парите назад кај граѓаните, се подобрува животниот стандард на граѓаните, потрошувачката моќ на граѓаните и крајно целта е подобрување на економскиот раст. Токму преку фискализацијата се овозможува намалување на сивата економија и повеќе пари се слеваат во буџетот. Преку зголемените приходи во буџетот во делот на земјоделството се овозможуваат и повеќе пари за земјоделците, за подобра исплата на субвенциите, повеќе инвестиции во бизнис секторот“, изјави Димковски.

Директорката на УЈП, Лукаревска посочи дека од почетокот на проектот забележани се успешни резултати, граѓаните активно учествуваат во намалувањето на неформалната економија и не дозволуваат да им биде одземено правото на поврат од ДДВ со не издавање на фискална сметка што е за поздравување. Бројот на скенирани фискални сметки изнесува 5,4 милиони, остварен е промет од над 2,7 милијарди денари, со вкупно ДДВ од 298,8 милиони денари.

-Досега околу 135 илјади граѓани ја користат оваа апликација, скенирани се повеќе од милиони фискални сметки и остварен вкупен промет од 2 милијарди 768 милиони денари од кои што ДДВ –то е 298 милиони денари, а тоа значи дека 15 отсто претставува 44,8 милиони денари што ќе одат во џебот на граѓаните. Ова се податоците заклучно со 24 јули. Граѓаните пријавуваат континуирано неправилности, лани овој период се пријавени 52 неправилности за даночни обврзници кои не издаваат фискални сметки, а во овој период пријавените неправилности се драстично зголемени, односно граѓаните си ги бараат фискалните сметки сакајќи да си го остварат своето право на поврат на ДДВ, изјави директорката на Лукаревска.

При тоа  посочи дека е забележано намалување на сторнирањето на сметките од страна на даночните обврзници затоа што сега граѓаните си ги бараат сметките да ги скенираат. Воедно ги повика сите правни лица да ги сервисираат своите фискални каси на што се и законски обврзани.