Мохамед Деиф, шефот на военото крило на Хамас, е убиен во напад минатиот месец
Деиф (58), кој командуваше со бригадите Из-Дин ал-Касам повеќе од две децении, долго време беше една од терористичките фигури најбарани од Израел

Мухамед Деиф, командантот на военото крило на Хамас, беше убиен во израелски воздушен напад во јужниот дел на Појасот Газа минатиот месец, потврдија Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Војската вели дека добила разузнавачки информации во последните неколку часа кои ја потврдуваат неговата смрт.
Деиф беше цел на напад врз комплекс што му припаѓа на Рафа Саламех, командантот на бригадата Кан Јунис на Хамас, во областа Кан Јунис, на 13 јули.
Еден ден подоцна, смртта на Саламех беше потврдена од војската, но ИДФ соопшти дека нема конечни информации во врска со Деиф.
ИДФ веруваше оти нејзините разузнавачки информации што укажуваа дека Деиф пристигнал во комплексот што му припаѓа на Саламех се многу прецизни и дека двајцата биле заедно во зградата која била цел на неколку тешки бомбардирања.
Израелските борбени авиони го надгледуваа комплексот половина ден пред да се изврши нападот, откако ИДФ имаше рани индикации дека Деиф се приклучил на Самалех. Во секој момент, два авиони беа во воздухот над локацијата.
Откако војската ги потврди разузнавачките информации дека Деиф пристигнал во комплексот, авионите добија наредба за напад, што беше извршено за само неколку минути.
ИДФ објави снимка од нападот.
Министерот за одбрана Јоав Галант изјави дека потврдата за убиството на воениот командант на Хамас Мухамед Деиф е „голем чекор“ кон искоренување на терористичката група.
„Убиството на главниот убиец Мухамед Деиф, ‘Бин Ладен од Газа’, на 13 јули 2024 година, е голем чекор на патот кон искоренување на Хамас како воена и владина организација и за постигнување на поставените цели на војната поставено“, пишува Галант на Икс, заедно со фотографијата на која тој очигледно го пречкртува Деиф со црн маркер на ѕидната табла што ја прикажува структурата на терористичката група.
„Висококвалитетната и прецизна операција што беше извршена беше овозможена со најдобрата соработка меѓу ИДФ и Шин бет и оние што ги предводат“, пишува тој. „Резултатите од операцијата јасно покажуваат дека Хамас е организација во распаѓање и дека терористите мора да изберат помеѓу предавање и смрт“.
Деиф (58), кој командуваше со бригадите Из-Дин ал-Касам повеќе од две децении, долго време беше една од терористичките фигури најбарани од Израел.
Тој беше архитект на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, најсмртоносниот напад во историјата на земјата, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, а околу 251 други беа одвлечени во Газа како заложници.