Модниот бренд C&A ја напушта Србија?


Модниот синџир C&A се подготвува да ја напушти Србија, откако државата открила дека тие шверцувале кинеска роба и со тоа го оштетиле српскиот буџет за шест милиони евра, објавија денеска српските медиуми.

Од Царинската управа на Србија за „Данас“ велат дека минатата година откриле злоупотреби кои со години ги вршеле вработени во странска модна компанија, заедно со вработени во шпедитерска компанија, злоупотребувајќи ги печатите и меморандумите на овие две фирми.

„На тој начин со увоз на друга текстилна стока нанеле штета на државниот буџет само по основ на неплатени увозни давачки во износ од најмалку шест милиони евра“, посочуваат од Царинската управа.

Како што велат, до надлежните истражни органи поднеле пријава со пропратна документација.

„Немаме сознанија дека некој од вработените од царинската служба учествувал во злоупотребите, но и ова ќе биде предмет на истрага која е во тек“, посочуваат од Царинската управа и додаваат дека согласно законот не се во можност да дава информации за правни или физички лица до завршување на прекршочната и евентуално кривичната постапка.

Медиумите јавуваат дека е прашање на денови кога компанијата ќе може да ги затвори вратите и да остави 130 работници на улица.

Според Блиц, раководството на компанијата во понеделникот попладне свикало состанок на кој било најавено дека наскоро може да престане со работа.

Компанијата C&A ја отвори својата прва продавница во Србија во 2012 година, регистрирани се во април од 2011 година и имаат 14 филијали низ Србија, претежно во трговски центри.

Компанијата е во целосна сопственост на австриската компанија „Ретвикон“, а последната година за која има финансиски извештај, 2020 година, заврши со 146 вработени и загуба од 227 милиони динари.

Една година пред тоа, нето добивката на компанијата беше нешто повисока од 105 милиони динари.