Модната писта на „Илинденски денови“ во Битола за миг го засени фолклорот


Креациите беа инспирирани од традиционалната македонска носија

 

БИТОЛА – Битола деновиве е центар на фолклорот од светот цели 13 дена како домаќин на над 1.200 играорци учесници на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“.

Фестивал кој буди носталгија за минатото, убави спомени за народната песна, танцот и народната носија, воедно стана инспирација на младите генерации модни дизајнери, да се интересираат за фолклорот и да дадат една нова димензија вкрстувајќи го со модата и современите женски креации. 

Како ретко кога досега, за миг, модата инспирирана од традиционалната македонска народна носија доминираше на битолскиот фестивал со ревија на младиот битолчанец Александар Ортаковски, кој приреди модна вечер за паметење во гламурозниот Офицерски дом во Битола.

Модната ревија насловена „Македона“ е претставена како уникатна женска облека со современ дизајн асоцијативен на македонската носија. На ревијата продефилираја и девојки кои носеа оригинална народна носија од повеќе краишта на Македонија како споредба на моделите на Ортаковски.

 

Модната ревија беше претставена како – „презентација на облека, базирана на традицијата… тоа беше оро на ткаенините и историјата, каде ехото на македонската народна носија пронајде нов глас во современиот дизајн“.

На свеченото отворање на „Илинденски денови“ Маја Андоновска – Илијевски, директор на Центарот за култура во Битола, како домаќин на фестивалот избра да носи креација на модниот дизајнер Ортаковски која асоцираше на традиционалната смилевска, односно мијачка носија.  

„Еден млад,  многу инспиративен, ексцентричен човек од нашиот град, дизајнерот Александар Ортаковски, за кој можам да кажам дека никогаш не работи по шаблони ја доби таа задача оваа година за фестивалот ‘Илинденски денови’ да направи своја колекција која што ќе се базира и ќе биде инспирирана од традицијата. Пред неколку години за прв пат започнавме со модни ревии на фестивалот и досега можевме да видиме традиционални македонски женски и машки облеки од ризницата на различни делови на нашата земја“,  истакна Маја Андоновска – Илијевски, директор на Центарот за култура, Битола.

Младиот дизајнер Ортаковски неколку години го гради својот бренд „Тао“, за сега вклопувајќи се во традиционалните вредности на фестивалот да ја создаде „Македона“.

„Голема привилегија е да се сака татковината, а уште поголема привилегија да се има можност да се промовира. Да можеш да ја оживееш и интерпретираш традицијата е нешто бесценето“, кажа Ортаковски на ревијата.