Модна икона во лето?: Копирајте ја Џеки О.


Како да изгледате како модна икона во лето? Да се вртат по вас, а истовремено да ви е удобно и да не ви е топло? Експрвата дама на САД го пронајде својот летен стил и стана ултимативна стилска легенда и симбол на новата ера на културна софистицираност во Белата куќа.

Својата женственост на патувањата, особено на островите Мартас Винјардс, Скорпиос и Капри, ја истакнуваше преку широка палета на модни парчиња како панталони, шарени кошули, свилени марами, еспадрили, големи очила за сонце, а за гала-пригоди – гламурозни наметки и софистицирани модели на фустани и тоалети

Нејзиниот изглед од страна на тогашните, но и денешните модни критичари е окарактеризиран како прифатлив, елегантен и реален.

Воедно 60-тите години се и години на промени, на транзиција од неудобно облекување во облекување за комфор, а Џеки одигрува огромна улога во тој преод.

До времето кога го запознава идниот американски претседател Џон Кенеди, Џеки веќе ги има поставено основите на сопствениот стил – класична елеганција, нагласена со модерен минимализам.

Инаку, препознатливата силуета на „првата дама на стилот“ е изградена од класични женски костуми со беспрекорен крој и шик фустани без ракави и со А-линија. Додека ја носи титулата прва дама, карактеристични елементи во стилот на Џеки се ракавиците до лактите, ѓердани со три реда бисери и шапките „пилбокс“, а подоцна во својот стил таа ги инкорпорира волуменозните очила, марамите и кафтаните. Живеејќи како во бајка за време на трите години во Белата куќа, таа стана икона на стилот и софистицираноста на 60-тите години во Америка.

Политиката никогаш не била толку модерна како во времето на Жаклин и денес нејзиното име е поим за перфектната прва дама.

Сметајќи ја Одри Хепберн за свој идол, Џеки го шармира светот како млада, гламурозна, достоинствена сопруга на Џон Ф. Кенеди која восхитува со француска елеганција и стил кој е многупати копиран од фановите и дизајнерите.

Најценетата прва дама на сите времиња е родена како Жаклин Ли Бувие во 1929 година во Саутемптон, Њујорк. Може слободно да се каже дека Џеки има привилегирано детство и расте аристократски – јавање коњи, школување во престижни приватни училишта и живот на висока нога. Сето ова, како и едногодишниот престој во Франција, го оформува нејзиното чувство за естетика.

До смртта, во 1994 година во Њујорк, останува доследна на својот едноставен и класичен стил.