„Модерна“ почна со тестирање на вакцината против Ковид-19 меѓу адолесценти

САД – Фармацевтската компанија Модерна објави дека во вториот дел од последната фаза на тестирање, им ја дала првата доза на вакцината на кандидатите кои припаѓаат на возрасна група помеѓу 12 и 18 години.

Тестирањето меѓу адолесцентите значително помага да се обезбеди сигурност и ефикасност на вакцината кај помладата популација. Тестирањето се спроведува во соработка со Биомедицинското напредно тело за истражување и развој (БАРДА), кое е дел од американското Министерство за здравство.

– Со задоволство објавуваме дека започнавме со вториот дел од последната фаза на тестирање кај здрави адолесценти во САД. Нашата цел е да собереме доволно податоци до пролетта 2021 година за да ја одобриме употребата на нашата вакцина, подоцна во учебната година, рече Стефан Бансел, извршен директор на Модерена.

– Се надеваме дека ќе можеме да доставиме безбедна вакцина и да им дадеме заштита на адолесцентите, така што тие ќе можат да се вратат на училиште во нормални услови, рече Бансел.

Модерна планира да тестира 3.000 адолесценти во САД со две дози во период од 28 дена.