Моден викенд Скопје се „сели“ во МСУ: 33. сезона под знакот на модата и современата уметност
Fashion Weekend Skopje ја најавува својата 33-та сезона, која ќе се одржи од 30 октомври до 1 ноември 2026 година во Музејот на современата уметност – Скопје, Галерија бр. 4.
33-то издание отвора нов простор за дијалог меѓу облеката, уметноста, телото и архитектурата, поставувајќи едно суштинско прашање: Што се случува кога модата престанува да биде само облека и станува уметнички објект, визуелен јазик и носител на идеи?
Оваа сезона, FWSK ја поместува границата меѓу модната писта и галерискиот простор. Облеката ја согледуваме не само како предмет што се носи, туку и како артефакт, скулптура и жива инсталација – создадена за телото, движењето и просторот.
Ова издание ја истакнува модата како современа креативна сила која ги поврзува естетиката, иновацијата, претприемништвото и заедницата. Модата се надминува себеси – станува дел од поширок културен и општествен дијалог.
Во фокусот на FWSK33 е и одржливоста – не само како одговорност на модната индустрија, туку и како културно и општествено прашање. Како создаваме? Што вреднуваме? Што избираме да зачуваме? И како преку модата можеме да создадеме поодговорен однос кон ресурсите, луѓето, културното наследство и иднината?
Во текот на три дена, програмата ќе обедини модни ревии, изложби, перформанси, јавни разговори, предавања и меѓународни проекти, со учество на дизајнери, уметници, куратори, образовни институции и културни професионалци од земјата и регионот.
Посебен акцент оваа сезона ќе биде ставен на односот меѓу модата и современата уметност, на новите форми на креативна соработка и на одржливоста како една од темите што сè посилно го дефинираат идниот правец на модната индустрија.
Дел од оваа насока е и Wear the Change: Fashion Auction with a Cause, иницијатива на Никола Булевски, Македонското Модно Здружение и граѓанската организација КОНЕКТ, која преку модата повторно ја поврзува креативноста со филантропијата и ја претвора модната сцена во простор за поддршка, солидарност и позитивна промена.
Деталната програма и учесниците на FWSK33 погледнете ги на нашата веб-страница.