Моден викенд Скопје ни сплете изненадувачка вечер: Носталгија за минатото и поглед кон иднината


Моден викенд Скопје синоќа, ни сплете силна изненадувачка вечер која не врати во минатото, ама ни фрли и поглед кон иднината. Ни претстави домашни и странски дизајнери, но и талентирани ученици кои ја открија убавината на плетењето, ни понуди есенско-зимски трендови кои ќе ги носите од сабајле до вечер, младешки комбинации и вечерни елегантни аутфити. Плетивото никогаш не излегло од мода, сега го има печатот на нашите мајки, баби но и ќерки и сестри и е наша занаетчиска карта за во светот.

Музејот на град Скопје кој слави 70 години од постоењето, за 20.сезона на модниот настан, во организација на Света Богова-Јовановска, пулсираше во модерен но и во историски стил, на приземјето со модерна писта, и долу, во затемнетата сала меѓу историски експонати.

По ексклузивното модно патување со синиот воз на Тито на Железничката станица, модната вечер синоќа продолжи со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд  Jar & Jam, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, наменети се за сладокусците со младешки и игрив дух, особено во зимските месеци. Футуристичката визија и иновативноста како нивен заштитен знак, воочлива е и во последната колекција насловена „Tempo & Patience…Sweet temptation“, којашто неодоливо го оживува духот на 90-тите години од минатиот век.

Првите чекори на домашната сцена вечерта ги направи Мила Спасовска под етикетата Yamuna, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, која дефинира стихија на сопственото јас. Ни ја подарува убавината која стои зад внатрешната војна. Го гледаме човекот како си игра со временските непогоди и како чекори низ нив. Го гледаме човекот како е подготвен за секоја непогода, а воопшто не е подготвен за блаженство. Внатрешната наспроти надворешната борба и вечното тежнеење кон сопствена револуција.

Со ревијата за „LA NUIT“, доминантно на модната писта настапи и Зана Алиу, на која визијата оваа сезона ѝ е да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното. Според дизајнерката, таа е царица на општеството. Толку едноставна и толку комплицирана. Таа е тивка и скромна, но истовремено и арогантна, бурно изразувајќи ја страста, мистеријата, љубовта, сексипилноста. Црната има сѐ и нејзината убавина е апсолутна, а истото го демонстрираше и низ креациите кои не ја оставија публиката рамнодушна.

Синоќа, финишот беше резервиран за нетрпеливо очекуваниот проект „Нитка“, чиишто учесници ѝ се претставија на јавноста со заеднички перформанс, во рамките на Моден Викенд Скопје. Станува збор за групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера – плетењето.

Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, шестмината за неполн месец научија повеќе различни техники од подзаборавениот занает, преведувајќи ги на модерен начин во своите дизајни. Рачно сплетоа оригинални модели, работејќи во тандеми, а конечниот резултат е изненадувачки. Проектот „Нитка“ е финансиски поддржан од Министерството за култура, во склоп на манифестацијата „Нов културен бран“ во 2019 година.

Вечерва, е последниот, трет ден од Модниот викенд Скопје.  Од 19 часот е ревијата на студентите од Академијата за моден дизајн во склоп на „Џолев и уметностите“ и „Сивус едукативен и развоен центар“, преку групна ревија во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.

Наталија Терзија премиерно ќе ја промовира линијата за „спорт-глам“ облека „Terziya movement“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам.

Како претпоследна, имагинацијата за есен-зима 19/20 пред публиката ќе ја прикаже и Сара Реџиќ.

Крајот е резервиран за колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Georgieva“.

(Л.С.)   Фото: AD Photography