„Моцартовите перипетии“ в четврток во Филхармонија
Во Филхармонија в четврток ќе се одржи концертот „Моцартовите перипетии“. На програмата се дела од Моцарт и Чајковски, а како солист и диригент ќе настапи Сергеј Малов од Русија.
Како што информира Филхармонија, рускиот виолинист Сергеј Малов е еден од славните виртуози во светот на класичната музика. Свири виолина, виола, барокна виолина и виолончело да спаља – инструмент за кој се смета дека Јохан Себастијан Бах на него ги свирел своите свити за чело.Репертоарот на маестро Малов е широк. Свири дела од периодот на раниот барок, до класични и романтични виолински концерти, како и светски премиери на современа музика. Исклучително е посветен на техничките капацитети на инструментот, покрај стилот на изведба.
За неговите изведби на виолина, добитник е на повеќе награди на натпревари како „Паганини“ во Џенова, „Моцарт“ во Салцбург, „Мајкл Хил“ во Оукленд, додека за настапите со виола, пак, освојувал награди во Минхен и во Токио. Настапувал со оркестри како што се Би-би-си оркестарот во Лондон, Лондонскиот филхармониски оркестар, Оркестарот на Баварското радио, Филхармонија на Оукленд, Филхармонискиот оркестар на Токио, Филхармонијата на Хелсинки, каде што го извел Концертот за виолина од Сибелиус по повод роденденот на финскиот композитор,под диригентството на славниот маестро Клаус Макела…
Во 2019 бил солист резидент на Фестивалот на музика во Турку, Финска. На натпреварот „Лаjпциг Бах“, Малов беше награден со барокна виолина, додека „Jumpstart Jr Foundation“ од Амстердам, му обезбеди барокна виолина од познатиот изработувач Џофредо Капа. Како барокен солист настапувал со Академијата за стара музика во Берлин, Венецијанскиот барокен оркестар, Севилскиот барокен оркестар, оркестарот „Музика Вива“ од Москва, „Камерата Салцбург“ и Барокниот оркестар од Хале.
– Во сезоната 2019/20, Малов направи серија блескави дебија низ светот и како виолинист и како солист на виолончело да спаља. Во 2017-та, Малов беше назначен за професор на Музичката академија во Цирих. Неговите снимки се објавени од престижни издавачки куќи, а неговиот албум „Омаж за Еуген Изај“ (2017) беше оценет со мошне позитивни критики, се наведува во соопштението од Филхармонија.