МО: Ајтов да не го меша министерството во неговите нарушени односи со членовите на Синдикатот

Министерството за одбрана во реакција по повод денешната прес конференција на претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста го повика Ристо Ајтов да не го меша министерството во препукувањата и неговите нарушен односи со членовите на Синдикатот и другите синдикати и да не очекува дека министерката Радмила Шекеринска ќе ги прекршува законите заради неговите интереси.

– Денешната прес конференција на претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста обилува со неосновани напади и дезинформации. Не сакаме да веруваме дека со ваквите напади претседателот на СОБ сака да изврши притисок врз Министерството за одбрана за незаконско работење во негова лична полза, стои во  реакцијата од МО по барањето од СОБ за неотповиклива оставка од Радмила Шекеринска, за лошите услови во објектите на Армијата и МО и за непочитување на правата на вработените.

Се посочува дека на 14.01.2019 година СОБ побарало МО да ги финансира Синдикалните игри, по што билоо укажано дека според извештајот на Државниот завод за ревизија средства за таа намена не смеат да бидат исплатувани бидејќи тоа е спротивно на Законот за буџети и може да се карактеризира како неоправдано трошење на буџетски средства. И покрај одговорот, се подвлекува во реакцијата, барањата и притисоците од претседателот на СОБ продолжија.

– СОБ постојано бара од министерката и МО да се спречува истапувањето на членовите од неговиот синдикат и да не се потпише репрезентативноста на Независниот синдикат кој ги исполни условите за тоа. Ристо Ајтов покажува нервоза токму поради трендот на постојано одлевање на членството од неговиот Синдикат, кое од 2017 година до денеска е преполовено. Членството во Синдикат е доброволно, како и одлуката за истапување и барањето на Ајтов тој да ги одобрува изјавите на членовите кои што сакаат да отстапат од членството е неосновано, информираат во реакцијата од МО.

Во условите во касарните, се вели, не се вложувало повеќе од десет години, и тоа Ајтов добро го знае.

– Во 2017 е наследена тешка состојба, без проекти за реконструкција. За реконструкции се потребни проекти и јавни набавки и ситуацијата не се решава преку ноќ. Министерката за одбрана од почетокот на мандатот почна со решавање на најгорливите прашања – минатата година се покачија платите на војниците за 10 проценти, годинава ќе бидат покачени за дополнителни 5, ги снабди војниците со чизми што е основна потреба која дотогаш била занемарувана. Во 2018 се склучени 24 рамковни спогодби и договори за реконструкции на објектите на МО и АРМ и постојано се вршат реконструкции и поправки во касарните, појаснуваат од МО.

Меѓу другото од МО потсетуваат дека државата и одбраната се на прагот на членството во НАТО. Нашите идни сојузници, се потенцира, ги поздравија реформите во одбраната – покачувањето на буџетот, донесените стратешки документи кои беа претходно заборавени, и врз основа на кои следува реформа и модернизација на вооружените сили.

– Задоволството на секој војник одусловите во кои работи за нас е примарна цел и во НАТО ќе влеземе со подобрена Армија, и покрај провокациите и нападите мотивирани исклучиво од лични интереси, се вели во реакцијата од МО.