МНТ со успешна година- праизведби, гостувања, награди и признанија


Зад нас останува уште една сосема успешна година, исполнета со висококвалификувана продукција од домашни и странски автори, современа драматургија, интимен театар, работилници, разговори и дискусии од процес до реализација на една претстава, отворена сцена – ПАНФИЗ, фестивали, гостувања, издавање монографија, начин на изразување на нови и стари уметнички форми препознаени од пошироката театарска маса, а сето тоа реализирано во рамките и можностите на протоколарните мерки пропишани согласно со условите за работа.
На матичната сцена се реализираа 4 (четири) премиерни изведби, 2 (две) продукции на МНТ и 2 (две) копродукциски претстави. Непосредно по премиерните изведби следуваа повеќе патувања на различни претстави и фестивалски претставувања/гостувања на македонската сцена и надвор од границите, како и гостувања на домашни и странски продукции на нашата сцена. Патем како круна на успешните продукции се случија повеќе наградувања за претстави, специјални награди за режии, награди за најдобар/-а актер/актерка, награди за монодрами, лауреат за најдобро актерско остварување, награди за животно дело итн.

„Само глас“ е првата праизведба/премиера која се оствари во мај, при што во изминатиот период достигна и голем успех како во нашата земја така и надвор од границите.
Во септември со истата претстава гостувавме на 29. ФКТ „Ристо Шишков“, а првенката Звездана Ангеловска е единствен актер во историјата што по втор пат ја добива наградата лауреат за најдобро актерско остварување. Покрај актерката Ангеловска во претставата со снимен глас игра и првенецот на МНТ, Никола Ристановски, како и гостинот од НОБ, балетанот Мирослав Митрашиновиќ, со својот безрезервен талент и во потполн сјај ја претставија нашата земја на 16. меѓународен фестивал „Јоакимфест“, Р Србија каде што претставата ја доби и Специјалната награда на градот Крагуевац за извонреден музички концепт. Она што жирито на овој фестивал го воодушеви е: „музиката која е разиграна, продолжена рака на длабокиот глас на отуѓеноста. Комисијата истакна дека ова е ретко дело во кое музиката е потполн партнер и на актерот и на текстот и на режијата и на сценографијата и на филмот. Доминантен партнер.“ Претставата е во режија на Марјан Неќак и младата и неизмерно талентирана авторка Нина Плавањац.
Непосредно потоа следеа и наградите од 55. МТФ „Војдан Чернодрински“, награда за животно дело за доајенот на Македонскиот народен театар, Емил Рубен, а актерот Јордан Симонов е добитник на наградата за главна машка улога за улогата Филип во претставата „Мој термин“.
За монодрамите и дуодрамите се отвори и изложбата „Монодрамите и дуодрамите на МНТ“ која за публиката беше од отворен, но и виртуелен тип, исто така значително важно за формата на која изминатата година се стави акцент, а по идеја и реализиција на Ивана Јарчевска и Мила Анѓелковиќ беа прикажани 20-тина монодрами и дуодрами кои се центар на истоимената изложба поставена во фоајето на театарот.
Гостувањата и наградите се нижеа, присуството и силата на актерот, сите негови умеења и вештини, посветеност и сигурност се неизоставен дел и носечки елемент на она што ја прави монодрамата, а првенецот на МНТ, Ѓорѓи Јолевски, за монодрамата „Последната лента на Крап“ која е во негова изведба и режија, на 22. Интернационален фестивал на монодрамата во Битола доби гран при за најдобра претстава и најдобра режија.
„Нема да биде крај на светот“ од младиот автор Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ беше проект со којшто започна изминатата сезона, иако праизведбата/премиерата прво беше одиграна на сцената на Сараевски ратни театар — САРТР од Сараево, БиХ, а потоа и на нашата матична сцена, бидејќи станува збор за копродукциски проект меѓу два театри.
Оваа драма не ја остави рамнодушна ниту жири-комисијата на театарскиот фестивал „Живи фест“ во БиХ, каде што ѝ беа доделени 4 (четири) едногласни награди: специјалната награда за режија за Нина Николиќ, наградата за најдобра актерка за Дарја Ризова, наградата за најдобар актер за Саша Ханџиќ и специјалната награда за актерска игра ја освои Џана Џаниќ.
По премиерната изведба во БиХ на „Нема да биде крај на светот“ следеше претставата според вистински приказни „Работи за кои не зборуваме“, во режија на Нела Витошевиќ, а во продукција на МНТ и Wonderland Theatre. Непосредно по успешната премиерна изведба на младата и талентирана актерска екипа, претставата отпатува на балканско-европска турнеја (Р Србија, Р Полска, БиХ како и двете гостувања во Битола и во Штип) и за краток период оваа современа драматургија ја освои театарската публика на домашната и на странската сцена, а турнејата покажа колку актуелна и универзална претстава сме направиле и колку е потребна размена на театарски искуства со други земји. Тоа го докажа и приемот на публиката кон претставата, со што дополнително се потврди дека комуницира и со публика која не го зборува нашиот јазик.
Последната претстава за изминатата година е „Торонто експрес“ од домашниот автор Зоран Спасов – Ѕоф, во режија на Јордан Симонов, а во изведба на Александар Микиќ. Станува збор за урнебесна комедија која во исто време расплакува од смеа, но и од тага, претстава за која билетите се продаваат во рекордно време.
Од домашните гостувања ги издвојуваме гостувањето на МНТ со претставата „Отело“ на 18. Интернационален фестивал на античка драма во Стоби на сцената во „Ј.Х.К.-Џинот – Велес и Скопско лето.
Модерната музичка драма „Само глас“ исто така гостуваше на 42. Скопско лето, како и на 61. Интернационален фестивал Охридско лето каде што Македонскиот народен театар ја подари и бистата од Ана Липша-Тофовиќ датирана во 1970 година, со наслов „Орфеј на Ана“.
Претставата „Кец на десетка“ гостуваше во рамките на манифестацијата „Струмица —Град на културата“ за 2021 година во Домот на културата „Антон Панов“— Струмица.
„Мој термин“ е претставата со која МНТ го отвори 55. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Од гостувања во МНТ се издвојуваат:
„Поделби“, од авторот Добрица Ќосиќ, по драматизација на Спасоје Ж. Миловановиќ, а во режија на Југ Радивојевиќ. Гостувањето беше копродукциски проект меѓу Српско народно позориште, Нови Сад, Народно позориште, Ниш и Народно позориште, Приштина – со седиште во Грачаница.
Исто така гостуваа театарските куќи од државата меѓу кои: Театарот „Ј. Х. К. -Џинот“, Велес со танцовиот перформанс „Петтото годишно време“ и НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово со претставата „Драма изгубена во времето“.
Годината се заврши со монографијата „АКТ – Театарот низ фотографии“, забележано под објективот на фотографот Кире Галевски и Македонскиот народен театар како издавач. Промоцијата на монографијата ќе биде во текот на оваа година.