МНТ одбележа 74 години: Домашните драмски автори ни ја испишуваат и историјата


Македонскиот народен театар денеска прослави 74 години. Годинава на одбележувањето во фокусот беа домашните драмски автори, а во нивна чест е отворена изложба со наслов „Од текст до претстава“. Авторката на изложбата и раководител на Музејот при МНТ, Ивана Јарчевска, рече дека богатото драмско творештво има посебно место во обемната сценска продукција.
На 3 април, пред 74 години во МНТ се случила првата премиерна на македонски јазик „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, а по четири месеци тој ја поставил и првата претстава од македонски автор, тоа била „Чорбаџи Теодос“ на Васил Иљоски.
– Седумдесет и четири години се доволно долг период за испишување на историјата на театар во кој се негува драмското писмо и процесот на неговото поставување на сцената. Од самите почетоци до денес, постојано се поставуваат дела од македонски автори. Почнувајќи од првата „Чорбаџи Теодос“ на Васил Иљоски, па сè до една од последните, а тоа е „Духот“ на Дејан Дуковски. На сцената на националниот театар меѓу 400 поставени или обновени, имало повеќе од 100 претстави на дела од македонски автори – рече Јарчевска и додаде дека целта на изложбата е да се прикажат сите домашните драмски автори почнувајќи од Чернодрински, Панов, Крле, па сè до новата генерација драмски писатели.


Директорката на МНТ, Симона Угриновска, рече дека за оваа година планирани се седум премиери во МНТ, но нивната реализација зависи од поддршката преку годишната програма на Министерство за култура.
– Два проекти се веќе во поодмината фаза на подготовка, и нивните премиери се очекуваат во мај. Тоа е „Магбет“ во режија на Нела Витошевиќ за голема сцена и „Тик так“ на режисерот Синиша Ефтимов на малата сцена. До крајот на сезоната се очекува и премиера на претстава што ќе ја работи познатиот бугарски режисер Јавор Грдев, според „Hangmen“, текст од 2015 година на актуелниот британски автор Мартин Мекдона – рече Угриновска.
Меѓу актерите кои беа на одбележувањето на роденденот беше и доајенката на македонскиот театар Милица Стојанова. Таа вели дека вистинските вљубеници во театарот секогаш треба да оддадат почит на ваквите обележја.
– Од 1953 година сум во театар, а еве доживеав „Алма Малер“ да ја играм и во оваа зграда на театарот. Не смее да не се дојде во театар, особено во ваква ситуација, па и да се видиме актерите меѓу себе. Сега помалку се гледаме отколку во мое време – вели Стојанова.
Пред 30 години била поставена и претставата „Надвор од умот“ по текст на актерите Јордан Симонов, Александар Микиќ и режисерот Васил Христов, а нејзиниот плакат зеде место во изложбата во МНТ.


– Бевме млади и ентузијасти, напишавме текст и го поставивме како копродукција на тогашниот „25 Мај“, денешен МКЦ и МНТ. Убаво е вака, одвреме-навреме да видиш свое дело на плакат, дека си дел од историја. Треба да ја негуваме нашата драматургија, иако за тоа има и други фактори што влијаат – треба добри драматурзи, па некој тоа да го прочита и да се заинтересира да го постави во простор. Но мислам и дека успеваме, а показател е тоа што наши драми се поставуваат надвор – изјави актерот Симонов кој во МНТ играл повеќе од 60 наслови, а меѓу нив и дела на македонски автори, како Дуковски, Чашуле, Чинго, Стефановски и други.

Годинава актерката Снежана Коневска-Руси одбележува 45 години кариера и низ тие години била дел од многубројни претстави на домашни автори. Ја издвои „Студенти“ од Бранко Пендовски со која настапувале насекаде во поранешна Југославија и добиле најдобри критики.
– Добро е што се прашува за театарот и актерите наспроти сè друго што се случува околу нас. Се говореше дека театарот не е тој што може да го смени светот, но може барем за момент да ни ја промени свеста, начинот на живот и начинот на однесување – рече Коневска-Руси.
Таа додаде дека роденденските обележја на МНТ посакува да бидат со специјално подготвена премиера по тој повод, како што било во минатото.

И.Н.