МНТ ја подготвува „Народен непријател“ со првенците Никола Ристановски и Звездана Ангеловска
Во копродукцискиот проект учествуваат автори од сите партнерски земји – Србија, Словенија, БиХ, Грција и Италија
Во подготовка е претставата „Народен непријател“ од авторот Хенрик Ибзен, која претставува финалниот продукт од комплексниот проект насловен „Патиштата на хероите“. Премиерата се очекува кон почетокот на мај оваа година, на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ), а потоа ќе биде изведена во сите партнерски земји, како и на фестивали во Европа и во регионот.
Претставата е во режија на Нина Николиќ, носител е МНТ, а самиот проект е поддржан од програмата „Креативна Европа“ во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.
Во копродукцискиот проект учествуваат автори од сите партнерски земји – Србија, Словенија, БиХ, Грција и Италија, а во изведба на актерите Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Нино Леви, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски и Јана Вељановска.
Инаку, претставата се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, независно кој е во право.
Проектот „Патиштата на хероите“ е со времетраење од две и пол години, а во рамките на истиот опфатени се бројни програми меѓу кои: професионални работилници, изложби, креативни истражувања, издавачка дејност за деца, како и работилници од областа на современиот танц и гостувања на театарски фестивали итн.
До сега се реализирани неколку креативни работилници преку кои Македонскиот народен театар заедно со издавачката куќа „Гаврош“ со уште пет други партнерски земји од Италија – „Ла Драматурџи“, Грција – „Лооп Амке“, Босна и Херцеговина – „Студио Театар“, Словенија – „Институт за театарска игра“ и Србија – „Ехо Анимато“ се занимаваат со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени.
Како што соопштија од МНТ, во рамки на проектот се истражуваат механизмите на создавање и соработка во креативен тим, здружувајќи ги уметниците за преиспитување на нивните сопствени практики, со цел да се подобри уметничкиот тим и да создаде силно општество.
Исто така, од вкупно дванаесет, снимени се шест краткометражни филмови на повеќе јазици од земјите соработници, кои ќе се емитуваат на првиот програмски сервис на МРТВ. Филмовите, од областа на екологијата, за подигнување на свеста на поединецот и како да се биде општествено одговорен кон природата се титлувани на македонски јазик.