МНР: Усогласеноста на Северна Македонија со надворешната политика на ЕУ е 94 проценти


Фото: Б. Грданоски

Министерството за надворешни работи информира денеска дека усогласеноста на Северна Македонија со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија е 94 проценти.

– Поради појавените информации во јавноста за усогласеноста на Република Северна Македонија со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија, сакаме да информираме дека усогласеноста на Република Северна Македонија кон ставовите, декларациите и мерките на Европската Унија изнесува 94 проценти, соопшти МНР.

Оттаму наведуваат дека само во последната третина од 2020 година (периодот септември – декември 2020 година), Република Северна Македонија се има придружено на над 40 декларации на Европската Унија, а оваа практика продолжува и во првиот квартал на 2021 година.

– Во моментов, во рамките на Министерството за надворешни работи се разгледува можноста за имплементација на политики со кои поскоро ќе се постигне целосна, или 100 отсто стапка на усогласеност со политиката на ЕУ, стои во соопштението.

МНР додав дека во истата насока, покрај надворешната и безбедносна политка, во рамките на процесот на Стабилизација и Асоцијација, Северна Македонија веќе има усогласено околу 30 отсто од европското аки (acquis), ниво на усогласеност на домашното законодавство по кое земјава стои рамо до рамо и со останатите земји од регионот кои веќе подолго време преговараат.

– Стратешка цел на Република Северна Македонија претставува полноправното членство во Европската Унија, и поради тоа, севкупниот процес на усогласеноста со политиките, правилата, стандардите и вредностите на Европската Унија претставува највисок државен приоритет, заклучува МНР.

Реакцијата на МНР доаѓа откако вчера бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за Бугарското национално радио (БНР) рече дека усогласеноста на земјава со заедничката надворешна политика на ЕУ е под 50 отсто, на што синоќа остро реагираше и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

– Ова е скандалозна невистина. Нашиот степен на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, според последниот извештај на Европската комисија (октомври 2020) за 2019 изнесува 92 проценти, објави синоќа Димитров на Фејсбук.

Димитров во објавата наведува дека очигледно е потребна поголема внимателност, особено кога се работи за лесно достапни податоци. -Вака впечатокот е разочарувачки – дека идејата била паушално да се оцрни соседот, што не би било ниту пријателски, ниту европски, додаде тој.

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија од октомври 2020 година се посочува дека во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата земјава во 2019 година била усогласена „со 84 од вкупно 91 изјава на високиот претставник за ставовите на ЕУ и (Европскиот) Совет, што претставува стапка на усогласеност од 92 отсто“.