Македонското МНР реагира на злонамерното мешање на Лавров

Лавров тврдеше дека  ЕУ и НАТО се обидуваат да ги претворат Северна Македонија и Црна Гора во „инструменти“ на антируската игра


Фото: Б. Грданоски

Во врска со интервјуто на шефот на руската дипломатија  Сергеј Лавров во кое се споменува  Македонија во неприфатлив контекст,реакција испрати македонското МНР. Во неа стои:

„Од стекнувањето на независноста на Република Северна Македонија постои силно меѓуетничко и надпартиско единство за членство во Европската Унија. Нашето Собрание пред повеќе од 30 години донесе едногласна одлука за ваквата надворешно-политичка ориентација на земјава. Таквите одлуки за зачленување во меѓународни сојузи, како и секоја друга суверена држава ги донесуваме водени исклучиво од сопствени интереси со поддршка од најголемиот број на граѓани.  Во изминатите години сите политички чинители даваа значаен придонес во имплементација на ваквите стремежи.  

Денес Република Северна Македонија е полноправна членка на НАТО, заедно со нашите сојузници целосно сме посветени на сочувување на меѓународниот мир и безбедност при што најостро се спротивставуваме на сите кршења на меѓународното право, каков што е случајот со агресијата врз Украина. Истовремено постојано се бориме против сите злонамерни влијанија од трети држави со цел мешање во нашите внатрешни работи.

Во интервјуто се манипулира со религиозните чувства на православните верници во нашата држава и се користи добивањето на автокефалноста на МПЦ- ОА за промовирање на своите геополитички ставови. Овој историски настан никој не смее да го присвојува како свој успех, особено не оние кои прикриено се противеа на ваквиот чин“, стои во реакцијата на МНР.

Претходно од Москва стигна изјавата на Лавров во која тој тврдеше дека  ЕУ и НАТО се обидуваат да ги претворат Северна Македонија и Црна Гора во „инструменти“ на антируската игра, исто како што се обиделе да го сторат со Украина и со голем број други источноевропски земји.

– Има впечатлива разлика меѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што го прават нивните политичари под принуда од Брисел, ЕУ, НАТО, оценува Лавров, додавајќи дека бил во Скопје и Охрид видел како „луѓето во Македонија се однесуваат кон нашата заедничка историја и религија“.

Тој нагласува дека земјава го промени името во Северна Македонија за да влезе во ЕУ, но „не беше примена и нема да биде примена во скоро време“.

– Наместо тоа, ги вовлекоа во НАТО и почнаа да ги подгреваат русофобични чувства и агресивната политика кон Руската Федерација. Истото го направија и со Црна Гора: им ветија дека ќе влезат во ЕУ, но им рекоа дека треба да влезат во НАТО, да се приклучат кон санкциите и да заземат став кој е отворено антируски. Тоа е тажно, додава Лавров.

Шефот на руската дипломатија во интервјуто се осврнува и на одлуката на Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква (СПЦ) за евхаристичко единство со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, оценувајќи ја како позитивна.

– Мислам дека тоа е разумна одлука на СПЦ и патријархот Порфириј, изјави Лавров, оценувајќи дека тоа е „достоен одговор на интригите што ги плете цариградскиот патријарх“, кој според него, се обидел „засекогаш да го погреба секој однос меѓу другите православни цркви, пред се, српската и македонската“.

Лавров нагласува дека обновувањето на евхаристичкото единство меѓу српската и македонската црква е мудра одлука.

– Со тоа се овозможува повторно воспоставување на евхаристичко единство и со Руската православна црква, за што сме ние заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе послужи за доброто на православието, заклучи Лавров.