МНР: Не е најдена никаква трага за злоупотреба на дипломатска пратка


Министерството за надворешни работи соопшти денеска дека не нашло никаква трага за злоупотреба на дипломатска пратка.

Реакцијата на МНР доаѓа по написите во неколку медиуми дека камион кој бил управуван од возач со македонски пасош при влез во Италија од Словенија бил запрен како сомнителен. Контролата открила дека наместо дипломатска пошта, за што биле приложени документи, во камионот имало цигари и алкохолни пијалаци. 

„Во рамките на Министерството за надворешни работи дадена е насока на нашите служби да ја прегледаат целата документација, да се проверат сите информации од страна на дипломатско конзуларните претставништва, со цел проверка на ваквите наводи. Според првичните информации добиени во изминативе два дена, не е најдена никаква трага во Министерството, за евентуална пратка која би можела да биде основа за злоупотреба“, се вели во реакцијата на МНР.

Од таму се додава дека дополнително е дадена насока и во рамките на македонските дипломатско конзуларните претставништва да се проверат сите добиени информации за евентуални случаи со приведени наши граѓани, кои би можеле да бидат слични со пласираните наводи.

„Засега и од нашите претставништва не е добиена информација за евентуален сличен случај, кој би можел да соодветствува со наводите“, велат од МНР.

Од МНР посочуваат дека иако нема потврда за постоење на ваков случај, министерството има политика на нулта толеранција за злоупотреба или евентуално фалсификување на дипломатски документи или документи на институцијата, и оттука,  Министерството за надворешни работи во следниот период ќе продолжи со темелни проверки на појавените наводи и за тоа соодветно ќе ја информира јавноста, стои во реакцијата до медиумите.