МНР ќе прати протестна нота за Џамбаски


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе прати официјална протестна нота до Бугарија поради последната изјава на европратеникот Ангел Џамбаски кој упати навреди на адреса на премиерот Димитар Ковачевски и изрази отворени територијални претензии.

-Иако се обидувавме во овој период да го игнорираме затоа што целта на европратеникот е да ги искористи тие реакции за себепромоција, меѓутоа, овој пат навистина ги надмина сите граници на провокација и мора да реагира до бугарската држава и до сите бидејќи тоа се веќе територијални претензии и навредлив говор кон народ, кон етнички заедници и тоа нема да го премолчиме, најави шефот на дипломатијата Бујар Османи. 

Тој исто така најави дека ќе го отвори со Софија и прашањето за настапите на претседателот на бугарската историска комисија, Ангел Димитров,  како и тоа за отворањето на бугарските клубови со надвредливи имиња. Притоа оцени дека не му е јасна целта на ваквите провокации бидејќи не се на штета само на македонските граѓани туку и на штета на бугарската заедница, место да го искористи договорот со Бугарија да се етаблира подобро во земјата.

-Дури помислив дека трета страна  е инволвирана во тоа  и дека таа сака да ни ги расипе односите  со бугарската заедница во државава“, порача Османи кој речиси од тотален молк околу ваквите инциденти, изминатите денови се погласно реагира на отворените провокации. 

Тој побара време да добие повеќе детали околу информацијата за затворање на македонскиот клуб во Благоевград пред да излезе и да коментира.

-Секоја провокативна, неприфатлива и навредлива изјава бара реакција. Министерот ја кажа реакцијата со вербална нота, јас тоа го поддржувам и во слична ситуација би реагирала и јас исто, изјави словонечката министерка за надворешни работи Тања Фајон која денес беше на средба со Османи.

Министерот Османи утрово ме извести и за овој немил настан на Џамбаски. Се надевам дека денеска ќе испрати дипломатска нота. Станува збор за навреда кон граѓаните на Република Северна Македонија и јас бев сведок и ги осудував неговите активности и изјави. Сите тие провокации во период кога државите обезбедуваат една позитивна средина во вакви услови, ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари кои внесуваат раздор, нерасположение и конфликти помеѓу населението, рече Фајон.

Откако македонскиот премиер Ковачевски кажа дека не знае кој е бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, тој му порача на македонскиот премиер дека не е важно дали го познава или не, бидејќи тој и неговите сопартијци знаат кој е тој и од какво семејство потекнува.

-Не е важно дали Ковачевски ме познавал или не. Тоа не е драма. Важно е дека ние го познаваме. Знаеме кој е тој, од кое семејство потекнува и ние знаеме кои се неговите корени, порача вчера Џамбаски.

Застанат зад мапа на голема Бугарија тој преку контроверзно и провокативно видео порача дека  „Ковачевски ги носеше кафињата додека траеја средбите меѓу Заев и Борисов“ и дека за „србоманите од Скопје нема место во ЕУ“.

-Ние Бугарите сме дел од ЕУ, а вие србоманите не сте. Ние Бугарите сме од тие што решаваат каде сте вие. Кои сте вие, решаваме ние, не вие, Димитар или Белград. Вие не решавате ништо. Вакви какви што сте, можете да направите сојуз со Северна Кореја.

Џамбаски додаде дека Ковачевски тврди дека македонизмот бил изворен, но тој според него е антибугарска, фашистичка идеологија која има задача да ја искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија. Според него,  Македонија нема никаква историја пред 1944-та година, и повторно ја спори посебноста на македонскиот јазик.  Тој покажуваше мапа на која Македонија е споена со Бугарија.

-Ковачевски тврди дека македонскиот јазик е единствен. „Но тој е дијалект на бугарскиот јазик и тоа го докажува секој лингвист. Македонизмот и македонскиот идентитет е ГМО, како и неговото име. Тој не Димитр, туку Димитар. Неговото име е бугарска али-експрес верзија, рече Џамбаски.