МНР ќе поднесе жалби до Советот за етика во медиумите поради навредливи текстови за Димитров


Министерството за надворешни работи ќе поднесе жалби до Советот за етика во медиумите поради текстови со наслов: „Никола Димитров во јуни “си бега“ од земјата на која ѝ го смени името објавени на неколку портали.

-Слободното, непристрасно и објективно медиумско известување претставува еден од клучните столбови на секое демократско општество. Според член 16 од нашиот Устав, основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана. Имајќи ги предвид овие принципи и начела, денес до „Советот за етика во медиумите“ Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија поднесе жалби кои се однесуваат на новинарски текст првично објавен на веб порталот Магазин.мк со наслов „Никола Димитров во јуни “си бега“ од земјата на која ѝ го смени името на 7 мај 2019 година, а врз основа на којшто се објавени текстови со слична содржина на порталите: Инфомакс, Република, Скопје24 и Денешен весник. Посочените текстови се служат со неточно и нефер известување, пристрасност во информирањето, незастапена втора страна, навреда и клевета. Притоа ги прекршуваат основните новинарски начела за одбраната на човековите права, достоинството и слободата, почитувањето на плурализмот на идеите и ставовите. Воедно, таквото известување е во спротивност со низа принципи утврдени во Кодексот на ЗНМ. Подобрувањето на состојбите во сферата на медиумските слободи, справувањето со феноменот на лажни вести и справувањето со говорот на омраза, претставуваат суштински заложби во насока на реализирање на евроатлантската иднина на нашата држава која е во фокусот на работата на Министерството за надворешни работи, се вели во соопштението од МНР.