МНР ќе ја проверува изјавата на португалската министерка Закаријас за јазикот


Фото: Б. Грданоски

Македонското министерство за надворешни работи ќе ја проверува автентичноста на изјавата на португалската министерка за Европа, Ана Паола Закаријас, која на средба со бриселските дописници организирана во Лисабон изјави дека „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик“. Ова го изјави денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција посветена на предлог-законот за отпис на каматите.

„Португалскиот предлог нуди решенија, но во него не се заземаат страни. Во португалскиот предлог за преговарачката рамка стои дека преводот на акито ќе биде на македонски јазик. Секако, имаат изјави двете страни, и нашата и бугарската. Веројатно португалската министерка направила толкување за бугарски медиуми или слично. Ќе провериме денеска преку МНР за автентичноста на тоа што е кажано. И МНР соодветно ќе реагира во јавноста“, рече Заев.

Според него, македонските само изјавиле дека тоа е добра основа, а кога заврши Европскиот совет „и јас и министерот Бујар Османи дадовме длабински коментари за португалскиот предлог“.

Закаријас во одговори на прашања на новинарите во Лисабон изјави: „Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и идната соработка… Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – запомнете дека го смени името на земјата. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји“.