МНР ги прибра дипломатите што биле во Собрание на 27 април


Тројца дипломати вработени во Министерството за надворешни работи вечерта на 27 април биле во Собрание додека се случувал крвавиот упад. МНР ги избркало од работа, но со судска одлука двајца се вратени на работа.

Освен што се вратени на работа, МНР од државниот буџет ќе им ги исплати и сите неисплатени плати и придонеси. Од Министерството за надворешни работи за „Независен весник“ ја потврдија информацијата и велат дека двајцата вработени се вратени со правосилна судска одлука, а постапката за третиот дипломат уште не е завршена.

Министерството отворило дисциплински постапки и ги избркале од работа тројцата дипломати бидејќи оценило дека постапиле спротивно на етичкиот кодекс и го нарушиле угледот на професијата дипломат, угледот на Министерството и на државата. Она што паѓа во очи во одговорот од Министерството за надворешни работи е тоа што постапката била отворена дури по четири месеци од упадот во Собрание.

МНР доставило барање до Министерството за внатрешни работи во јуни, а добило одговор оттаму дека дипломатите биле во Собрание во септември 2017.

Судот ги вратил на работа бидејќи МНР задоцнило со дисциплинската постапка.

„Со правосилна одлука на судот, двајца вработени се вратени на работа поради тоа што решението за престанок на работен однос на Министерството и одлуката на Агенцијата за администрација, која одлучувала во втор степен по жалба, се донесени по истекот на рокот во кој можел да биде поднесен предлог за поведување дисциплинска постапка. На вработените ќе им бидат исплатени неисплатените плати и придонеси. Постапката за третиот дипломат не е завршена“, велат од Министерството за надворешни работи.

Од Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција, кое го водеше случајот за крвавиот упад во Собранието, велат дека овие дипломати не учествувале во упадот, туку само биле присутни во Собранието, односно тие воопшто не се гонеле кривично.

Пресудата за најголемата група на која ѝ се судеше за упадот сè уште се пишува, а Обвинителството ја привршува истрагата за нарачателите односно организаторите на собраниските инциденти.

Во пирамидата осомничени за организирање на упадот во Собрание, највисоко е поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Будимпешта. Сепак, Интерпол сè уште не го објавува неговото име дека Груевски се бара со меѓународна потерница.

Обвинителството ги доби документите од албанското обвинителство, но не даваат никакви нови детали кои би можеле да и помогнат на истрагата за тоа како избегал Груевски од Македонија. Снимките што требаше да го дадат одговорот, мистериозно се избришаа од албанските системи.

Освен Груевски, во бегство е и поранешниот разузнавач Никола Бошковски. Поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески треба да дадат исказ во обвинителството, а поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, се бранел со молчење. Обвинителството тврди дека има докази и за поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, но него го спаси од притвор пратеничкиот имунитет.

Пресуда и затворски казни добија само половина од обвинетите за крвавиот упад, а останатите беа амнестирани со закон кој беше изгласан во Собранието.

По две години од инцидентот, главните нарачатели и организатори не се казнети.

Спиро Ристовски останува во притвор

Поранешниот министер за образование Спиро Ристовски останува во притвор откако Апелацискиот суд ја отфрли неговата жалба и го потврди решението на Кривичниот суд за продолжување на мерката притвор.

На јавна седница Ристовски бараше да му биде укинат притворот и го уверуваше судот дека нема да бега ниту би влијаел на сведоци затоа што, како што рече, е уверен дека ќе ја докаже невиноста.

Како организатори за случувањата од 27 април, освен Ристовски, обвинителството ги гони и експремиерот Никола Груевски и Никола Бошковски, кои се во бегство, пратеникот Трајко Велјановски, кому Собранието не му го одзема имунитетот и ексминистерот Миле Јанакиевски, кој првично беше во притвор, а сега е во домашен.

Фросина Факова – Серафиновиќ