МНР демантира дека има некаков нов договор, анекс или дополнителен текст на постоечкиот Договор со Бугарија


Фото: Б. Грданоски

Министерството за надворешни работи (МНР) ги демантира информациите за нов договор, анекс или каков било дополнителен текст на веќе постоечкиот Договор за пријателство со Република Бугарија.

-Министерството за надворешни работи ги отфрла ваквите шпекулации како неточни и контрапродуктивни на напорите на двете земји за надминување на меѓусебните разлики. Односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија продолжуваат да се развиваат согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Во тие рамки, се преземаат сите потребни активности и ангажмани кои се во согласност со овој Договор, а кои пред сѐ имаат за цел продлабочување и интензивирање на билатералната соработка. Во тој контекст е и најновата иницијатива за организирање на претстојна средба на ниво на шефови на Влада, како прв чекор за унапредување на соработката меѓу двете нови влади, внесување на нова динамика во проектите и активностите, а што е од интерес како за двете држави така и за перспективата и безбедноста на Регионот и на Европа, наведува МНР.

Пред објавувањето вакви чувствителни информации, нивна првична проверка со Министерството, како што стои во соопштението, ќе придонесе за поквалитетно информирање на граѓаните, но ќе значи и придонес во насока на поддршка на обидите за надминување на отворените прашања со Бугарија.