МНР демантира дека е тргната таблата со името на амбасадата во Софија
Во врска со информациите објавени во дел од медиумите, во кои се пренесува објава од социјалните мрежи за наводно оштетување и отстранување на официјалната табла на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека станува збор за неточна информација.
Имено, од страна на вработените во амбасадата е отстранета таблата поставена надвор од објектот на амбасадата, која не била изработена согласно со воспоставените стандарди на Министерството. Официјалните табли на амбасадата, на кои името на државата е правилно испишано, се на своето место и се целосно во функција.
Министерството апелира при известувањето за прашања поврзани со дипломатско-конзуларните претставништва да се почитуваат фактите и информациите да се проверуваат преку официјални извори пред нивното објавување. Пласирањето и пренесувањето непроверени и неточни информации не придонесува за објективно информирање на јавноста и непотребно создава погрешна претстава во јавноста.