Мнозинството е решително да остане заедно во Владата


Откако речиси сите учесници дадоа изјава дека се за зачувување на парламентарното мнозинство се јави и со соопштение владината прес-служба, во кое се нагласуваат истите работи – дека не владината коалиција е стабилна и дека нема потреба од нови избори. Но забележливо е дека во соопштението не се наведува ни изјавата на премиерот Зоран Заев ноќта по изборите кога ја објави својата оставка, ниту пак барањата на коалициските партнери тој да остане на чело на кабинетот.

Еве го соопштението од Владата:

„Денеска на покана на премиерот Заев во Владата се одржа средба на претставници на сите политички партии кои го сочинуваат парламентарното мнозинство во парламентот.

Сите партнери од парламентарното мнозинство беа присутни на средбата и изразија поддршка на влада од ова парламентарно мнозинство. Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.

Заеднички се констатираше дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не ѝ се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции на Северна Македонија.

Коалициските партнери од парламентарното мнозинство се едногласни дека на Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евроатлантски курс на дејствување“.