Мнозинство од уставните судии ги спори измените на Кривичниот закон
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2023/06/уставен-суд.webp)
Расправата во Уставниот суд за измените на Кривичниот закон, со кој се спасија од одговорност околу 800 обвинети, се уште трае. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски кажа дека измените на Кривичниот законик со кои преку ноќ се запреа кривичните гонења за корупција направиле непоправлива штета на правниот поредок и невиден упад во судскиот систем.
Тој став го делат и дригите судии, а единствена со спротивно мислење е судијата-известителка Елизабета Дуковска. Таа, која го држи предметот од 2023 година, и натаму смета дека Уставниот суд не треба да поведе постапка против измените на Кривичниот законик со кои се застареа коруптивните дела на поранешни високи функционери, обвинети доминантно од поранешното СЈО.
Добрила Кацарска изјави исто така дека овие измени донесени преку ноќ направија непоправлива штета во нашиот правен систем, но како граѓанин, а не како претседателка на Уставниот суд.Таа смета дека Уставниот суд не е надлежен да решава дали требало да биде носен со европско знаменце или не, да решава за казнената политика кога за тоа е надлежно Собранието. Рече дека наспроти тврдењето на подносителот на иницијативата Павле Трајанов, конфискацијата на нелегално стекнатиот имот останува и не се брише со овие измени на КЗ, односно дека е регулирана со други закони.
И судијката Тања Васиќ- Бозаџиева бараше да се поведе постапка против измените кои владата на Димитар Ковачевски ги предложи на почетокот на септември 2023 година, а Собранието ги изгласа набрзина на 6 септември таа година. Со тоа, се чини обезбедено е мнозинство да се гласа за поведување на постапка за оцена на уставноста на овие законски измени, за кои Македонија претрпе остри критики од Европската комисија. Притоа Васиќ-Бозаџиева рече:
„За да не останат нашите зборови празни зборови, ако одлучиме да поведеме постапка, да ги поништиме овие штетни измени на Кривичниот законик”.
Во насока на тоа да се поведе постапка за уставноста на овие измени за спасување на криминалци, е и дискусијата на уставниот судија Осман Кадриу. Тој искажа дури и зачуденост дека со овие измени била всушност изршена декриминализација со закон.
„Со овие измени владеењето на правото е доведено до степен на распаѓање. Придонесе до правна анархија и правна хаварија. Тие се мотивирачки овие амнестирани да вршат криминал, корупција”, зборуваше емотивно Кадриу за штетата која е направена.
На крајот праша: “А што е со оштетените граѓани од овие амнестирани корумпирани лица? Оставени се на улица. Мора штетата да им се надомести на овие граѓани, фирми. Оштетена е и државата”, кажа судијата.
Ако Уставниот суд одлучи да се укинат измените, тогаш тргнатите одредби само ќе се вратат во Кривичниот законик и сè ќе биде по старо, но Уставниот суд во овој случај само ќе го бетонира амнестирањето на функционерите, обвинети од поранешното СЈО. Ако одлучи да ги поништи измените, тогаш се враќаат сите обвиненија против амнестираните, исто како да не се случиле измените на 6 септември 2023 година, кога беа укинати или намалени затворските казни за функционерите. При евентуална одлука за поништување, оние обвинети чии обвиненија беа повлечени и на кои потоа државата им ги плати адвокатските трошоци, ќе треба да ги вратат парите. Но, уставните судии денеска прво треба да гласаат дали ќе поведе постапка или не.
Уставната судијка Елизабета Дуковска,пак, како судија-известител за измените на Кривичниот законик (КЗ), смета дека Уставниот суд не е надлежен да решава за уставноста на овие измени со кои се амнестираа корумпирани функционери, обвинети од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таму доминираат обвинети бивши и сегашни функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Судијката Дуковска не го сработила предметот во времето на претседателката Добрила Кацарска, па ни веднаш кога беше избран сегашниот претседател Дарко Костадиновски, туку по смената на власта во 2024.
Иницијативата за уставноста на овие измени донесени во времето на СДСМ, со помош на ВМРО-ДПМНЕ чии пратеници на 6 септември 2023 влегоа да направат кворум во салата, е на Павле Трајанов.Измените на Кривичниот законик се донесоа со европско знаменце, во забрзана постапка, бидејќи, како што кажа претставникот на Владата на седницата, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ. Но, токму измените на членот 353 кој се однесува на криминалот на функционерите, не е меѓу тие 35 членови.
Со намалувањето на казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои се обвинети или осудени ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот „ТНТ“ каде од политичка одмазда урива комплекс „Космос“, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како „Траекторија”.
Со измените, каде затворските казни за овие кривични дела значително се менуваат, веднаш се прекина и кривичното гонење на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за кинеските автобуси, потоа на Сашо Мијалков во „Тврдина-Таргет”, а најверојатно и во „Трезор” за кои апелационите судии Енвер Беџети и Лирије Елези со чување во фиока се погрижија да помогнат во истекот на време, т.е. во застарувањето. Натаму, Миле Јанакиески и сообвинетите или другите осудени, се ослободуваат од случаите „Топлик” и „ТНТ”. Во суд веќе не мора да одат ни пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, ни Љупчо Димовски од Социјалистичка партија, партнерка на ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски и татко му на раат ќе си располагаат со општинската зграда за која беа обвинети дека незаконски ја присвоиле за себе. Се спасуваат и други обвинети и осудени ексфункционери за злоупотреби, бидејќи во нашиот правен систем, секогаш важи поблагиот закон за обвинетите или осудените.
Подносителот Павле Трајанов вели дека утрешната расправа по иницијативата за оспорување на овие законски измени, доаѓа „со огромно задоцнување“.
„Уште првиот ден кога законските измени стапија во сила, побарав времена мерка со која ќе се одложи нивната примена, бидејќи потоа штетите не ќе може да се надоместат. Сега по толку време ја ставија на дневен ред. Им беше полесно да ја развлечат постапката“, вели Трајанов.
Според него измените биле договорени межу водечките партии.
„Излезе на виделина дека законските измени се правени во договор меѓу СДСМ и ДУИ, со Груевски, и зошто главниот медијатор Артан Груби заврши на црната листа на САД. Но, цената ја плати СДСМ“, вели тој.
„Треба да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измените на Кривичниот законик“ изјави лани претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој посочи дека не може да каже кои биле мотивите, бидејќи не бил дел од процесот на креирање на тие решенија.
ЕУ побара да се санираат последиците од тие измени, а реагираше на спорните измени во два последователни извештаи. Во извештајот на ЕК од октомври 2024 година беше посочено дека „измените на Кривичниот законик ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво“.
„Многу тековни случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци – како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки – веќе не постојат“, беше наведено во извештајот.
Оттаму препорачаа донесување на нов КЗ, со согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.