Многу реакции на образложението на пресудата против ИРЛ


Фото: Б. Грданоски

 

Образложение на пресудата на судијката Јованка Спировска-Панева, која одлучуваше во случајот меѓу „Фероинвест“ и ИРЛ предизвика бројни реакции. Меѓу првите се јави претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој вели дека слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес, а новинарството е слободна и независна професија и како таква е потребно да подлежи на саморегулација од страна на медиумските тела и организации,

„Граѓаните имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес, особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството. Во таков случај, во јавен интерес е јавноста да биде запознаена со релевантни факти од значење за тие прашања. Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој“, се вели во соопштението.

Пендаровски вели дека како држава е потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи.

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, во својата реакција вели:

„Слободата на изразување, јавниот интерес и слободните медиуми се врвен приоритет за едно општество. Тие не смеат да бидат загрозени, ниту попречувани на каков било начин. Целосно се спротивставувам на скандалозните обиди да се дискредитира правото на новинарите да пишуваат, да алармираат, да критикуваат и да изразуваат сомнежи. Никој нема право, ниту судската власт, ниту другите државни институции да ја забранат или ограничат слободата на медиумите и слободата на изразување кои се загарантирани со Уставот“, напиша Грковска на Фејсбук.

Марјан Забрчанец, координатор во Владата, ги оцени како скандалозни и опасни дел од наодите презентирани во судската одлука во случајот со тужбата против ИРЛ.

„Судот сериозно згазил не само врз новинарските слободи и слободата на изразување туку и врз слободата на здружување. Здруженијата на граѓани (и медиумските организации) постојат заради остварување цели од јавен, а не од личен интерес“, пишува Забрчанец на Фејсбук.

Според него, скандалозни се наодите на судот со кои се сугерира дека на ИРЛ наводно им требало дозвола за да емитуваат истражувачка содржина.

„Уште поскандалозна е забелешката дека ИРЛ биле здружение на граѓани, но не биле здружение за објавување информации во средствата за јавно информирање. Ова е преседан со кој суд од македонското правосудство укажува дека за некое здружение да може да објави став или наоди од истражување во јавноста, всушност му била потребна дозвола или посебна регистрација.

Дали тоа значи дека неколкуте илјади граѓански здруженија и невладини организации од утре не треба да комуницираат со јавноста? Ова не е цензура, ова е судски диктат кој не може да помине“, вели Забрчанец.

На образложението на одлуката реагираа и Здружението на новинарите на Македонија и другите новинарски организации. Според ЗНМ, во писменото образложение на пресудата се користат низа проблематични квалификации кои се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.