Многу оружје кај поединци најде полицијата деновиве


При претрес во неколку различни живеалишта, полицијата пронајде и одзеде повеќе парчиња оружје низ републиката.

Претрес во Мирковци, пронајдена автоматска пушка

Денеска, полициски службеници од СВР Скопје-Единица за насилен криминал, по добиена судска наредба, извршија претрес во дом на З.З. (55) во с. Мирковци, скопско. При претресот пронајдена е автоматска пушка. З.З. е лишен од слобода и по документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Претрес во Ресен, пронајдени пушка и муниција, приведено едно лице

Денеска, од страна на полициски службеници од СВР Битола -ОВР Ресен во Ресен и ресенско извршен е претрес во дом и простории кои ги користи Б.Т.(53) од Ресен, извршен со наредба од Основен суд Ресен, во врска со член 396 од КЗ.

Имено, при претресот на две локации се пронајдени ловечка пушка без дозвола, како и 33 патрони муниција калибар 16мм.
Б.Т. е лишен од слобода и по документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.

Во две куќи во Бузалково најдено оружје

Вчера пак,  во 7 часот во с.Бузалково, велешко, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода М.С.(50) од с.Бузалково. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес, биле пронајдени и одземени револвер, 51 патрони за ловечка пушка, гасен пиштол и рамка за гасен пиштол. Лицето било приведено во полициска станица и за настанот бил известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Истиот ден, во 7.10 часот во с.Бузалково, велешко, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Ј.Ј.(23) од с.Бузалково. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес, била пронајдена рамка за автоматска пушка. Лицето било приведено во полициска станица и за настанот бил известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.