Многу емоции, љубов, и аплаузи на славеничкиот концерт на Филхармонија (галерија)
Филхармонија, синоќа, во славенички дух го прослави 80-годишниот јубилеј во преполното фоаје и големата сала, во присуство на бројни гости од културниот и јавниот живот на земјата, претставници на дипломатскиот кор, уважени гости од регионот- директорите на Филхармонијата од Софија и на Симфонискиот оркестар од Солун и половина државен врв.
Славеничката роденденска честитка за најстарата македонска културна институција, почна симболично, во фоајето, со настапот на академскиот хор „Мирче Ацев“ со композиции од основоположниците на Филхармонијата Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Хористите ги испеаја „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр. 2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски, и ги воодушевија гостите. Со хорот диригираше Јасмина Ѓорѓеска-Каро. Во фоајето беше поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти.
Пред почетокот на концертот, публиката, во големата сала, на бим го следеше архивското видео за историјата на оркестарот кој е основан на 24 ноември во 1944, 11 дена по ослободување на Скопје. Во ново видео, беа претставени сите сегашни музичари кои свират во оркестарот. Потоа, се запалија светлата, и уметниците од оркестарот излегуваа на сцената од различни страни од салата и се поздравуваа со публиката.
Досега, Филхармонијата отсвирела над 2.500 концерти, и во неа свиреле над 3.500 музичари. Од свечениот чин, директен пренос вршеше и МРТВ, со цел јубилејното чествување да го проследи поголем број на публика, ширум нашата држава. Преносот беше збогатен со дополнителни прилози и содржини, а за време на паузата од отвореното студио на МРТ во фоајето на Филхармонија, гледачите имаа можност да проследат кратки разговори и интервјуа со значајни дејци од музичкиот живот во земјата.
Концертот почна со светската премиера на импресивното дело „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, бурно поздравена од публиката. Делото, во кое, како што навестува и насловот, е инспирирано од карпестите формации кои што се наоѓаат кај село Куклица, Кратовско, во Македонија, беше спој на судири на експресивни блокови и мека хармониска структура.
Потоа следеше настапот на миленикот на публиката, маестро Симон Трпчески, кој со Македонската филхармонија за прв пат настапил на 15 години, а реализирал уште неколку заеднички концерти низ годините.
Расположен и емотивен, и се обрати на публиката, со зборовите „ако не кажам нешто дома, каде“… по што следеше неговиот маестрален настап со Филхармонијата, под диригентската палка на шеф-диригентот на Филхармонијата, Јерухам Шаровски од Израел, концертот за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ, едно од најизведуваните дела во пијанистичката литература, кое е предизвик за секој виртуозен пијанист. Публиката го враќаше неколку пати на бис, а во еден момент, тој сподели:
„Концертот е наречен љубов. Не знам дали забележавте дека ми пукна копчето. Од љубов ми пукна копчето, рече маестро Трпчески и ѝ посака на Филхармонија најголеми успеси.
По паузата, следеше концертот за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр.1 – „Титан“ од Густав Мaлер, во изведба на Филхармонијата. Вистински роденденски подарок и за публиката.
Л. Сабит
Фото: М. Аргакијева