ММФ, Светска банка и ИЕА предупредуваат на економските последици од војната на Блискиот Исток
Лидерите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Групацијата на Светска банка (СБ) и Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) предупредија дека војната на Блискиот Исток има силно и нерамномерно влијание врз глобалната економија, особено погодувајќи ги земјите кои зависат од увозот на енергија.
Заедничкото соопштение е објавено по состанокот во Вашингтон, одржан во рамките на координативната група формирана на почетокот на април, со цел усогласување на одговорот на енергетските и економските последици од судирот во регионот. Трите институции истакнуваат дека шокот предизвикан од војната доведе до раст на цените на нафтата, гасот и ѓубривата, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на снабдувањето со храна и стабилноста на пазарот на труд, особено во посиромашните држави.
Посебно се погодени земјите увознички на енергија, додека одредени извозници на нафта и гас од Блискиот Исток претрпеа значителен пад на приходите од извоз поради нарушувањата на пазарот, се додава во соопштението.
„Ситуацијата и понатаму е многу неизвесна, а бродскиот сообраќај низ Ормуската Теснина сè уште не е нормализиран. Дури и по обновувањето на редовниот сообраќај, ќе биде потребно време глобалните резерви на клучни стоки да се вратат на нивоата пред судирот – а цените на горивата и ѓубривата можат да останат покачени подолго време со оглед на штетата на инфраструктурата. Поради нарушувањата во снабдувањето, недостигот на клучни инпути веројатно ќе има импликации врз енергетската, прехранбената и другите индустрии“, предупредуваат организациите.
Војната, исто така, доведе до раселување на населението, губење на работни места и пад на туризмот, што дополнително го забавува економското закрепнување и го зголемува притисокот врз националните буџети, се истакнува во соопштението. Институциите ги разменија најновите проценки во пресрет на објавувањето на извештајот на ММФ за Светските економски изгледи и месечниот извештај за нафта на ИЕА.
Посебно внимание е посветено на земјите кои се најмногу погодени од кризата, со нагласок на потребата од приспособени економски политики и финансиска поддршка каде што е тоа неопходно. ММФ и Светска банка најавија дека, во соработка со партнерите, ќе продолжат да го следат развојот на ситуацијата и да ги координираат мерките за поддршка.