ММФ: Подгответе се за зголемување на каматните стапки


Претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, изјави дека е потребно многу внимателно да се повлекува поддршката која што државите ја даваат во борбата против пандемијата на корона вирусот и дека светот треба да биде подготвен за зголемувањето на каматните стапки.
Георгиева зборуваше за состојбата на глобалната економија преку видео конференција организирана од Европскиот универзитетски институтот (European University Institute).
Посочувајќи дека глобалната економија започна да се подобрува во април, Георгиева рече дека економиите на Соединетите Американски Држави (САД) и Кина се „два мотора кои работат силно“. Таа додаде дека очекува Европската унија (ЕУ) да ги стигне овие две економии во летните месеци, благодарение на вакцинацијата, истакнувајќи дека очекува заздравувањето да се забрза.
Потсетувајќи на прогнозите дека глобалната економија се очекува да порасне 6 отсто оваа година, а 4,4 отсто следната година, Георгиева посочи дека нерамномерното закрепнување меѓу земјите е сè уште сериозен проблем.
Таа исто така истакна дека е неизбежно да се повлече политичката поддршка дадена во борбата против пандемијата, додавајќи дека е многу важно тоа да се спроведе многу внимателно.
„Треба да се подготвиме за раст на каматните стапки. Особено е важно да се следат каматните стапки во Соединетите Држави бидејќи таму има значително движење”, рече Георгиева.
Како што изјави таа, земјите кои сè уште не бележат раст и кои имаат натрупано долг би можеле да се најдат во многу тешка ситуација во потенцијално опкружување на зголемување на каматните стапки.
Коментирајќи ги дискусиите за укинување на правата на интелектуална сопственост за вакцините против КОВИД 19, Георгиева посочи дека постојат силни економски аргументи за отстранување на бариерите за производство и дистрибуција на вакцини, но дека укинувањето на правата на интелектуална сопственост треба да биде придружено со други мерки.