ММФ ни прогнозира пад на БДП од минус 5,4 отсто, а идната година раст од 5,5 отсто


Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во ажурираниот извештај во октомври проценува дека македонската економија годинава ќе ја заврши со пад на домашниот бруто-производ од минус 5,4 отсто што е зголемување во однос на априлските проекции кога се предвидуваше пад од минус 4 отсто.

За идната 2021 година ММФ предвидува раст на македонскиот БДП од 5,5 отсто, што е исто така полошо во однос на април кога се предвидуваше раст од 7 отсто.

Очигледно, лошите резултати во вториот квартал кога економијата забележа рекорден пад од 12,7 отсто влијаеја и на овие процени на ММФ во очи на годишните средби што се одржуваат месецов.

Во најновиот економски преглед ММФ прогнозира дека растот на БДП во 2025 година во нашата земја ќе иззнесува 3,5 отсто.

Во однос на групата економии во развој и во појавување во Европа, каде што е сместена заедно со уште други 15 земји (Албанија, Белорусија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Турција и Украина), Македонија според овие наајнови процени е некаде на средината.

Најмал пад годинава ММФ предвидува за Србија, чиј БДП се очекува да биде минус 2,5 отсто, потоа Белорусија минус 3 и Полска минус 3,6 отсто.

Помал пад на БДП од оној во Македонија се предвидува и за Бугарија (минус 4 отсто), Молдавија (минус 4,5 отсто), Русија (минус 4,1) и Романија (минус 4,8 отсто). Најголем пад годинава се очекува да имаат Црна Гора од дури минус 12 отсто и Хрватска, од минус 9 отсто, поради зависноста на нивните стопанства од туризмот, една од најпогодените индустрии во време на пандемијата со КОВИД-19.

Во однос на инфлацијата ММФ очекува таа годинава во Македонија да изнесува 0,9 отсто, а наредната година да биде нешто повисока 1,3 отсто, додека во 2025 година да се искачи на 2,2 отсто.

Проекциите на ММФ се дека годинава билансот на тековната сметка на Македонија ќе биде минус 4,7 отсто, во наредната година ќе се намали на минус 3,8 отсто, а во 2025 година ќе биде минус 2,3 отсто. (М.Ј.)