ММФ: Корона кризата повеќе ги загрозува жените

Пандемијата со коронавирусот може да го загрози напредокот постигнат од жените во последните три децении во намалувањето на економскиот јаз со мажите, предупреди денеска Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Економскиот шок предизвикан од здравствената криза ги погодува жените повеќе од мажите, бидејќи тие се повеќе застапени во сериозно погодените сектори на услуги, малопродажба, туризам и угостителство.

„Во САД, меѓу април и јуни, невработеноста на жените беше за два проценти поголема од таа кај мажите“, наведе извршниот директор на ММФ, Кристалина Георгиева, во текстот што го потпишуваат уште тројца други официјални претставници на ММФ.

Поради природата на работата, работата од дома не е опција за многу жени.

Податоците покажуваат дека таков е случајот со 54 отсто ​​од жените во САД и 67 отсто во Бразил. Жените, покрај тоа, извршуваат повеќе неплатени домашни работи од мажите, околу 2,7 часа дневно, покажуваат проценките на ММФ.

„Жените ги презедоа повеќето одговорности за семејството настанати по воведените мерки за изолација, како што се затворањата на училиштата“, наведуваат од ММФ.

По укинувањето на рестриктивните мерки, на жените им треба повеќе време за да се вработат, велат официјалните претставници на ММФ, а девојките во многу земји во развој мораа да го напуштат училиштето и да почнат со работа за да ги пополнат буџетите на домаќинствата.

Но, „добро осмислената политика за поттикнување на закрепнувањето може да ги ублажи негативните ефекти од кризата врз жените“, велат авторите, истакнувајќи ги добрите иницијативи во Австрија, Италија, Португалија и Словенија, каде се воведени права за платено родителско отсуство за родители со деца под одредена возраст.