МЛС ќе подели 1,2 милиони евра на општините – ќе се намалува разликата во развиеноста


Фото: Б.Ггрданоски

Министерството за локална самоуправа објави Јавен повик за финансирање на предлог-проекти насочени кон намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, по одделни мерки и активности за поттикнување рамномерен регионален развој.

– Целта на повикот е доделување средства на проекти што ќе придонесат кон намалување на разликите во степенот на развиеност меѓу регионите, јакнење на регионалната конкурентност и поттикнување на локалниот развој преку искористување на сопствените потенцијали, информираа денеска од Министерството за локална самоуправа.

Како приоритетни за 2026 година се наведени развојот на современа и модерна инфраструктура во планските региони, препознавањето и искористувањето на конкурентските предности на планските региони, подобрувањето на енергетската ефикасност на јавните објекти и користење обновливи извори на енергија.

– Вкупниот износ на средства предвидени за финансирање на проекти изнесува 74.840.000 денари. Овие средства се предвидени во Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, појаснија од Министерството за локална самоуправа.

Право на поднесување предлог-проекти имаат центрите за развој на планските региони, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, јавните претпријатија и јавните установи основани од државата, од општините, од општините во градот Скопје и од градот Скопје, високообразовните и научни институции и здруженијата.

Рокот за поднесување апликации е во текот на 2026 година, односно до искористување на расположливите средства.

Повикот со условите и критериумите е достапен на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа.