Младите ракометари обезбедија настап на Светското првенство


Младата ракометна репрезентација на Македонија до 18 години го продолжува успешниот настап на Европското првенство во Белград. Македонските кадети ја забележаа третата победа на турнирот, откако во натпреварот за пласман од 9. до 16. место ги совладаа Фарските Острови со 34-32.

Избраниците на селекторот Горан Кузмановски одиграа сигурно прво полувреме и уште од почетокот го презедоа резултатското водство. Во неколку наврати имаа предност од шест голови, а на паузата заминаа со убедливи 18-13.

Во продолжението Македонија стигна и до највисоки седум голови разлика, но следуваше пад во концентрацијата што им овозможи на Фарските Острови да се вратат во натпреварот и да израмнат на 24-24. Сепак, македонските ракометари брзо одговорија со серија од три последователни погодоци, повторно ја презедоа контролата и до крајот не дозволија пресврт.

Во нашата репрезентација,  Стефан Ѓорѓиески и Стефан Ѓорѓиевски постигнаа по 7 голови, додека голманот Ѓорѓи Николовски имаше 11 одбрани.

 

Победата има и дополнителна тежина, бидејќи со овој триумф Македонија официјално обезбеди пласман на следното Светско првенство за ракометари до 19 години, потврдувајќи дека оваа генерација има потенцијал за големи резултати на меѓународната сцена.