Младите место не ги држи: Кај сакаат да живеат и работат во ЕУ?
Според Светскиот економски форум, Македонија држи едно од највисоките нивоа на одлив на стручен кадар во светот. Младите се разочарани од корупцијата и од бесперспективноста
Што ги тера младите да се спакуваат и да си заминат од родната земја? Според статистичките податоци на Евростат од 2023 г., 14,2 отсто од младите на возраст од 15 до 29 години се родени вон земјата во којашто моментално живеат, а 11,9 отсто живеат во друга земја од таа чиешто државјанство го имаат.
Ситуацијата е слична насекаде – економските тешкотии и негледањето можности се едни од клучните причини што младите се иселуваат. Ова важи и за граѓаните на ЕУ и за граѓаните на земји што не се членки на ЕУ. Но, за вториве, преселбата носи и ризици.
Одлив на мозоци
Португалскиот социолог Руи Пена Пирес, на пример, вели дека мигрирањето на младите и иселувањето на стручните кадри од неговата земја е предизвикано од ниските плати и станбената криза.
Во едно неодамнешно интервју за новинската агенција Луса, научниот директор на Опсерваторијата за емиграција рече дека „разликата во платите и професионалните можности“ се главната движечка сила зад португалската емиграција, особено меѓу помладите. Според португалските податоци, околу 30 отсто од луѓето меѓу 15 и 39 години емигрираат.
– Им даваме многу ниски плати во споредба со најразвиените земји во Европската Унија. Би било сосема нелогично да нема емиграција, со оглед на слободата на движење и ваквата разлика во платите, вели Пирес.
Слично, во Словенија, младите велат дека недостигот на станови, неизвесните економски околности, ниските плати и немањето професионални можности се главните причини за нивното незадоволство – иако често го фалат квалитетот на животот во нивната родна земја. Вкупните бројки се мали, па сепак значајни за земја со само 2,1 милиони жители: во 2023 г., околу 1500 Словенци на возраст од 15 до 29 години ја напуштиле земјата.
И во соседна Италија младите размислуваат за иднина во странство. Повеќе од 300 000 Италијанци што се иселиле во странство во последните десет години имале од 25 до 34 години, според Државниот завод за статистика на Италија.
Како оправданија за својата одлука ги набројале ниските плати, несоодветноста на огласите за работни места со нивните квалификации и неквалитетните јавни услуги. Процентот на дипломирани студенти што се меѓу овие млади луѓе постојано се зголемува. „Не е нормално што нашата земја не се прашува зошто е ова вака и што не го спречува ова крвавење“, разочарано вели Ренато Брунета, претседател на Националниот совет за економија и труд, за време на презентацијата на еден извештај на темава.
Врз основа на податоци од десет земји – главно европски – во извештајот се проценува дека за секој млад странец што се доселува во Италија, си заминуваат речиси девет млади Италијанци. Стапката на невработеност кај младите изнесува 19,2 отсто, заклучно со ноември 2024 г., што е над просекот на ЕУ за помлади од 25 години (15,3 отсто).
Во Бугарија, 8-10 отсто од тие што си заминуваат по средношколските години студираат во странство, а повеќето од нив одат во земјите на ЕУ како Холандија, Белгија, Италија и Шпанија – но државата може да се пофали и со околу 10 отсто удел на странски студенти, кои ги привлекува со релативно ниските школарини и трошоци за живот.
Побрзиот економски раст – барем во споредба со просекот на ЕУ – може да помогне да се запре овој тренд. Макар што во Хрватска дојде до голем одлив на населението по нејзиното приклучување кон ЕУ во 2013 г., иселувањето се намали во последните години. Сепак, од 373 935 луѓе што емигрирале од Хрватска од 2014 до 2023 г., според хрватскиот Државен завод за статистика, најголемата група била на возраст од 20 до 39 години.
Меѓу економистите владее консензус дека емиграцијата е тесно поврзана со нивото на развиеност на земјата. Затоа што е сосема природно за луѓето, особено младите, да се потрудат да си ги остварат соништата и амбициите така што ќе заминат во поразвиени земји.
Според хрватскиот економист Велимир Шоње, ова најдобро го покажуваат два примера, тие на Ирска и Полска, кои порано беа емигрантски земји, но по успешниот економски раст станаа земји во кои повеќе луѓе доаѓаат отколку што си одат. Според некои аналитичари, вели Шоње, трендот почнува да се менува кога земјата ќе достигне околу 80 отсто од просечниот економски развој на ЕУ. Хрватска е веќе блиску до тоа ниво, со некаде околу 78 отсто од европскиот просек.
Земјата-кандидат за членство во ЕУ Северна Македонија ја губи битката против одливот на стручен кадар. Податоците на Евростат навестуваат дека најмалку 200 000 луѓе, или речиси 10 отсто од вкупното население на Северна Македонија, се имаат иселено во други земји во Европа во последните две децении.
Според Меѓународниот монетарен фонд, земјите во кои се упатуваат граѓаните на Северна Македонија првенствено се западните земји на ЕУ: Германија, Италија и Австрија, како и Швајцарија, која не е членка на ЕУ. Но и во земјите-членки на ЕУ поблиску до Северна Македонија, како Словенија, Хрватска и Бугарија, се забележува пораст на доселеници од Северна Македонија во последниве години.
Емиграцијата е причинителот на растечкиот недостиг од висококвалификувани луѓе во секторите како што се факултетските професори и научници. Според Светскиот економски форум, Северна Македонија држи едно од највисоките нивоа на одлив на стручен кадар во светот. Младите се разочарани од нивото на корупција во државата како и од немањето можности и од бесперспективноста.
Во Босна и Херцеговина, 2777 лица официјално го одјавиле своето живеалиште во 2023 г. за да се иселат во странство, а Германија, Австрија, Словенија и Хрватска им биле најчестите дестинации, според официјалните податоци. Иако бројкиве не го одразуваат вкупниот број на емигранти, го потврдуваат трендот што ги загрижува и политичарите и експертите.
Покрај тоа, едно истражување на Фондот за население на Обединетите нации покажува дека речиси четвртина од младите луѓе во Босна и Херцеговина сериозно размислуваат да ја напуштат земјата засекогаш, а 23 отсто размислуваат за привремена емиграција. Главните причини се неможноста да се вработат, ниските плати, неизвесната иднина, корупцијата и политичката нестабилност.
Експертите предупредуваат дека се потребни итни мерки за да се создадат подобри услови за младите да останат, оти трендов влијае на демографскиот и економскиот потенцијал на земјата. Една клучна иницијатива во поглед на ова е Младинската гаранција, програмата на Европската Унија што им дава на младите под 30 години можности за вработување, образование, практикантска работа или стажирање во првите четири месеци откако ќе го завршат образованието или ќе останат без работа.
Меѓутоа, експертите нагласуваат дека, освен ваквите иницијативи, потребни се и пошироки реформи во образованието, економијата и пазарот на труд за да се воспостават долгорочно одржливи услови за младите да може да останат и да се спречи натамошен пад на населението.
Ерата на Еразмус
Самата ЕУ е главен двигател во поттикнувањето на младите да патуваат. Најпозната е програмата Еразмус+, основана во 1987 г. како програма за размена на студенти во високото образование. Оттогаш, според програмската статистика, во неа учествувале околу 16 милиони луѓе. По основањето, програмата го прошири и опфатот, вклучувајќи и приправници, младински работници или спортски тренери. Во периодот 2021-2027 г., на Еразмус+ ѝ беа доделени околу 26,2 милијарди евра.
Не сите се добредојдени
Па сепак, доселувањето во ЕУ не им помага секогаш на граѓаните од земји што не се членки на ЕУ да си го подобрат животот. Со 47,2 отсто, младите од земји што не се членки на ЕУ во 2023 г. имале двојно поголем ризик од сиромаштија или општествена отфрленост отколку младите државјани во сопствените земји (21,8 отсто), според податоците на Еуростат. Покрај тоа, стапката на нивната невработеност била 15,1 отсто во 27-те земји-членки, во споредба со 10,9 отсто невработени млади граѓани на ЕУ.
Додека миграцијата останува горлива тема во целиот блок, младите мигранти – дури и добро образованите – често се соочуваат со расизам и одбивање, што им ги зголемува ризиците. На пример, францускиот премиер Франсоа Бајру го критикуваа дури и неговите сојузници откако неделава рече дека имигрантите сè повеќе ја „преплавувале“ Франција.
„Придонесот на странците е позитивен за нацијата, сè додека остане пропорционален“, рече Бајру за информативниот канал Ел-се-и. „Но, штом ќе се почувстувате преплавени, како веќе да не си ја препознавате сопствената земја, начинот на живот и културата, доаѓа до одбивност.“
Во Франција, значаен фактор во доселувањето на младите од земји вон ЕУ се доселениците од Африка, од кои многумина се обидуваат да избегаат од локалната невработеност. Тунис, под француска власт до 1950-тите, е типичен пример: едно истражување објавено од Арапскиот барометар во август покажа дека 70 отсто од Тунижаните на возраст од 18 до 29 години сакаат да емигрираат. Официјалните податоци покажуваат дека 41 отсто од младите Тунижани се невработени – и покрај тоа што 23 отсто од нив имаат факултетски дипломи. (ЕНР – Брисел)