Младите лекари бараат да им се плати праксата, МЗ чека на ДКСК


(Илустрација) Фото: Б. Грданоски

Министерството за здравство веднаш има постапено во однос на законските обврски што ги има во делот за шестмесечна платена пракса на младите лекари, кои ќе бидат ангажирани во вакциналните пунктови и во Итната медицинска помош при здравствените домови на територија на целата држава, соопштуваат попладнево од Министерството.

– Националната комисија за имунизација во својот заклучок препорачува што побрзо вклучување на младите лекари во процесот на имунизација, односно лекарите кои извршуваат задолжителен стаж по дипломирањето да се вклучат во пребарувањето на невакцинираните деца, нивното повикување, како и евидентирање на вакцинацијата во електронскиот систем, додека пак лекарите кои извршуваат платена пракса по добивање лиценца, дополнително да се вклучат и во спроведувањето на вакцинацијата во оние вакцинални пунктови каде постои потреба од дополнителен кадар, сѐ со цел непречено спроведување на вакцинацијата, се наведува во соопштението на МЗ.

За овој заклучок од Националната комисија за имунизација, како што се додава, министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири информирал на седница на Владата, по што било испратено до Министерството за финансии и се чека одговор од ДКСК поради, се истакнува во соопштението, предизборниот период.

Стотина млади лекари по општа медицина со месеци чекаат да бидат повикани на шестмесечна платeна пракса, која како што велат, им следува согласно Законот за здравствена заштита после положен испит за лиценца во Лекарската комора.

– Дел од колегите ја започнаа праксата од 6 месеци во Итната медицинска помош и здравствените домови, додека пак останатиот дел сеуште чекаме. Ние секојдневно сме на вратите на институциите и бараме одговори за тоа кога ние ќе почнеме со платената пракса, а одговор сѐ уште немаме и чекаме, – Симона Георгиевска.

Младите лекари забележуваат дека иако секојдневно се зборува за недостаток и одлив на кадар, активните конкурси за вработување биле ретки.

– Секојдневно го слушаме парадоксот на нашиот систем каде е очигледен недостатокот на млади лекари, а во исто време ние сме оставени во чекалната на институциите чекајки вработување или платена пракса која ни следува со Закон. Иако си ја сакаме државата и сакаме да останеме тука ќе бидеме приморани да одиме некаде каде што ќе се цени нашиот труд и знаење, вели Ивана Балоска.

Министерството за здравство по секој месец има увид за студенти кои го положиле испитот, потоа тие се испраќаат во Фондот за здравство, па во Министерството за Финансии од каде се одобруваат средствата за финансирање на праксата. За тоа зошто само дел од студентите добиваат одобрение за пракса иако тоа следи на секој со положен испит, прашавме во Министерството за финансии, но одговор од таму засега не добивме.